НАСТАНИ
ЖИВОТНА СРЕДИНА
ВО СКОПЈЕ, НА 22 СЕПТЕМВРИ
Ги „бојкотиравме” автомобилите
Акцијата „Ден без автомобили” што на една убава есенска сабота во Скопје ја организира Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Собранието на град Скопје, Општина Центар, Велосипедскиот сојуз на Македонија и К-15 Продукција, беше навистина „полн погодок”.
Целта на „погодокот” беше јакнењето на граѓанската свест за потребата од заштитата на животната средина - овој пат преку „бојкотирање” на автомобилите, автобусите и останатите превозни средства кои користат бензин или дизел-гориво, а со користење на возилата на ножен погон – велосипедите, тротинетите, ролшуите или ролерките, како и „превозното средство” кој секој од нас го поседува - сопствените нозе. Акцијата имаше навистина голем одѕив, а она што охрабрува е дека најбројни нејзини учесници беа младите. Но, учествуваа и многу постари граѓани, што зборува дека свеста за животната средина кај нас се менува, покрај тоа што се изградува. Меѓународниот Ден без автомобили – 22 септември е акција која Министерството за животна средина и просторно планирање годинава ја организира вторпат. Минатата година, тогашниот министер за животна средина, г. Тони Поповски, и амбасадорот на Европската унија во Македонија, г. Пинто Тешеира, симболично го одбележаа овој ден, возејќи велосипеди до своите работни места. Годинешнава акција почна на Плоштадот Македонија, од каде конвој велосипедисти, скејтери, ролери... се упати кон Градскиот парк, каде беше организирана голема журка со музика, жонглери, акробати. Навистина, прекрасна септемвриска сабота... М.И.
|