Комеморативен ден на македонските Евреи

Одбележан денот на депортирањето на Евреите од Македонија

Еврејската заедница во Република Маке­до­ни­ја, по повод ко­ме­моративниот ден на ма­ке­донските Евреи, на 11 март, го одбележа депортирањето на Евреите од Маке­донија. Пред точно 62 години, од страна на фашистичка Германија, на 11 март 1943 г. беа депортирани 7.200 македонски Евреи во логорот на смртта, Треб­лин­ка, во Полска. Комеморативната вечер се одржа во Музејот на град Скопје, каде што говореа претседателот на Еврејската заедница во Македонија, г. Здравко Шами, амбасадорката на Израел за Р. Македонија, Ирит Бен Аба и директорот на Амери­кан­ски­от еврејски дистрибутивен комитет ЏОИНТ, Јехиел Бар-Хаим.

“На 11 март во еврејските маала во Битола, Штип и во Скопје веќе не се слу­ша­ше јазикот ладино, повеќе ги нема­ше трговците Евреи, замреа звуците на пес­ните Ен ла присион, Дурме дурме, синагоги­те беа празни, а тој ден не се читаше делот од ТОРА (петтокнижието на Мојсеј) каде што се говори за градењето на Шаторот на состанокот. Одеднаш с$ запре, а никој не веруваше дека тоа е воопшто возможно на кој било начин, а особено не на таков брутален и нечовечки. Оттогаш големата еврејска заедница во Македонија згасна, стивна, ја снема...” беа зборовите на од хазанот во Македонија, Ави Козма.

Вечерта беше промовирана и книгата на г-ѓа Жамила Коло­но­мос и г-ѓа Јасминка Намичева - “Искрите на македонските Сефарди”, напишана на три јазика, лади­но (јазикот на се­фартските Евреи, меша­ви­на помеѓу шпански и хебрејски), маке­донски и англиски.Во спомен на жртвите на Холокаустот, Еврејската заедница истиот ден положи цвеќе на споменикот во кругот на Монополот во Скопје, од каде што започна депортирањето на македонските Евреи, а потоа и на еврејските гро­биш­та во Бутел каде што беше прочитана молитвата кадиш од рабинот на Југо­сла­вија и Македонија, Исак Асиел, и молитвата “Ав Арахамим” од хазанот во Маке­до­ни­­ја, Ави Козма.             

Д.М.