СОЖМ

За илјадници дијалози

Претставници на неколку македонски здруженија на граѓани разговараа, заедно со претставници на Парламентот, политичките партии и локалната власт, со Бодо Хомбах, координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа. Средбата се одржа под мотото „Илјадници дијалози”, алудирајќи на потребата и подготвеноста да се разговара и по пат на дијалог да се решаваат конфликтите и недоразбирањата.

Беше договорено дека е потребен дијалог во три насоки: економска, политичка и безбедносна, ни рече Савка Тодоровска, претседателка на Сојузот на организациите на жените на Македонија (СОЖМ), која како НВО лице за контакт во работната група за родови односи во Пактот за стабилност учествуваше на оваа средба.

Петиција до Кофи Анан

Петицијата до Кофи Анан, што во организација на Сојузот на организациите на жените на Македонија, веднаш по почнувањето на вооружените напади на екстремистичките вооружени групи на македонска територија, ја потпишаа околу 2.500 граѓани од Скопје, Македонија и странци кои престојуваат во нашата држава, а беше поставена и на Интернет, па на тој начин ја потпишаа уште неколку стотици претставници на здруженија на граѓани и поединци.

Во рамките на својата акција за мир, СОЖМ, сe до моментот кога Владата официјално побара од граѓаните да се воздржат од митинзи и собирања, организираше секојдневно собирање и мирно протестирање на плоштадот Македонија во Скопје, во соработка со еколошкото друштво Опстанок.

Информативен центар Менада

Во рамките на СОЖМ се формираше Информативниот центар Менада во Тетово, со цел да ги упатува лицата кои се раселуваат од овој град, по нападите од албанските терористи од околните села. Активистите на центарот Менада ги упатуваат луѓето, им помагаат во сместувањето, а имаа и акција за доделување хуманитарна помош за жените и децата избегани од Танушевци, сместени времено во селото Черкезе, како и за жените и децата од Тетово, на кои им беа доделени хигиенски пакети.

Досега, во центарот Менада за помошсе јавиле околу 1.500 раселени лица, а стотина граѓани од повеќе градови во Македонија им понудија помош и сместување.