КАКО СЕ ОДВИВА СОРАБОТКАТА МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ И ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ?

Се повеќе отворени врати

Соработката и покренувањето заеднички акции на релација граѓански сектор – локална власт, си повеќе се шири. Претставуваме неколку позитивни примери и ве повикуваме да ни посочите и други

Соработката на граѓаните и граѓанските здруженија со локалната самоуправа, односно со оние структури кои граѓаните обопштено, популарно ги нарекуваат „општина”, е недоволно развиена. Сепак, органите на локалната самоуправа се повеќе сфаќаат дека, всушност, им е потребна соработката со граѓаните и нивните здруженија. Одредени структури таа соработка ја прифаќаат дури и како добредојдена помош, сфаќајќи дека постојат многу области што не можат да бидат „покриени” од официјално ниво, така што го охрабрубаат навлегувањето на невладините здруженија во тие сфери.

Во овој број на „Граѓански свет” објавуваме неколку  позитивни примери на ваква соработка, а ги охрабруваме и двете страни – локалната самоуправа и граѓанските здруженија да ни пратат и свои примери на остварени заеднички активности.

Соработка на поовеќе нивоа

Собранието на град Скопје соработка со граѓанскиот сектор оствари уште пред неколку години, на мошне практичен начин – понудувајќи им на здруженијата на граѓани простор за работа. Односно, отстапена е една барака за одржување состаноци и едно вработено лице од Собранието како технички секретар на располагање на здруженијата. Во моментов, услугите на овој оддел ги користат околу 30 здруженија на граѓани.

Како што ни рече г-ѓа Лилјана Поповска, советник за планирање и развој на градоначалникот на Скопје, остварени се и конкретни заеднички активности – еден од првите проекти беше во соработка со здружението за заштита на животните „Срна”. По иницијатива на ова здружение, во градот се организира стационар за згрижување на кучињата-скитници во селото Мирковци. Потоа, по иницијатива на Сојузот на пензионираните инвалиди, се направи согледување што во градот постои како потреба на оваа група граѓани и се направија коси рампи за нивно движење на неколку места, а градот воспостави и стандард при изградба на одредени објекти (тротоарите, на пример), според кој се внимава на олеснување на нивното движење. Во иста насока се и неколкуте семафори со звучен сигнал за слепите лица.
- Заедно со здружението „Безбедно детство”, градот учествуваше во проектот поддржан од Светската здравствена организација, наречен „Социјален клуб 2000 чекори”, со тоа што обезбедивме простории за функционирање на клубот. Тој веќе една година работи, нудејќи им помош на младите лица кои поминале или поминуваат низ кризни состојби. Со поддршка на УНДП, градот обезбеди простории и за Младинскиот информатички центар за компјутерска едукација, со двајца ангажирани професори. Во првото шестмесечие, предност имаа ученици и студенти, а сега и невработени лица, вели г-ѓа Поповска.

Во интерес на граѓаните

Градското координативно тело за борба против дрогите е уште еден начин на соработка меѓу градот Скопје и граѓаните. Во ова тело се вклучени претставници од Владата, невладините организации и локалната управа. Од оваа соработка произлегоа и конкретни активности – оформено е советувалиште за млади зависници и нивните семејства со СОС телефон (овој проект го поддржа и МЦМС), како и Центар за рехабилитација и ресоцијализација на зависници (поддржан од Инстититот за трајни заедници), Г-ѓа Поповска ја нагласува и соработката со Амбасадата на сите деца и младинци, од која произлезе формирањето на еко-патролата од група млади скопјани, која сега врши редовно патролирање во градскиот парк. За работата на оваа патрола е добиена поддршка од Американската агенција за меѓународен развој - USAID (групата Луис Бергер) од која е добиена опрема, радио, чамец, зимска опрема и машина за обработка на дрво, со која младите, за потребите на градот, ќе изработуваат штици за клупи, огради, дрвени знаци и корпи и друго. Сега се спроведува и акција за уредување и чистење на Водно, а се планира еко-патролата да почне и со редовна работа и на овој локалитет. Врз основа на овој проект, слични еко-патроли се оформија и во Вевчани и Крушево.

Друг позитивен пример е Кавадарци каде, во рамките на Проектот за реформи на локалната самоуправа, е отворен Граѓанско-информативен центар, чија цел е поттикнување на учеството на граѓаните во работата на локалната самоуправа. Центарот е лоциран во просториите на Советот на општина Кавадарци, а неговата цел е да биде место каде се одвиваат контактите на граѓаните и локалната власт, проток на информации од двете страни и каде се шират демократските процеси со учеството на јавноста во работата и одлуките на официјалната власт.

Договорот за формирање на овој Центар го потпишаа градоначалникот на општина Кавадарци и претставник на американската фондација DAI.
Центарот е оформен во рамките на Проектот за реформа на локалната самоуправа, со посредство на Американската фондација DAI и финансиска поддршка на USAID.

Добра соработка меѓу локалната самоуправа и граѓаните и граѓанските здруженија се остварува и во Дебар. Еден од примерите за таквата соработка е формирањето на Клубот за хендикепирани и инвалидизирани лица во Дебар (во чија поддршка учествуваше и МЦМС). При спроведувањето на овој проект е остварена мошне добра соработката меѓу здружението на Ромите  „Месечина”, огранок Дебар и градоначалникот г. Имер Ологу.

Градоначалникот на Дебар ја нагласува добрата соработка со здруженијата на граѓани кои работат во Дебар и околината, нудејќи ја и натаму поддршката за секоја граѓанска иницијатива којашто е во полза на општината и на нејзините жители.

М. Иванова