Десет години постоење на Фондацијата “Клементина Рафајловска”

Исклучителна поддршка на младите музички таленти

На 26 мај, во Домот на Армијата во Скопје, Фонда­цијата “Клементина Рафајловска” ја одбе­­лежа 10-годишнината од своето фор­ми­­рање.

Станува збор за единствена фондација која ги поддржува младите таленти од инстру­менталниот оддел при Музичко-балетскиот центар “Илија Николовски-Луј”, како и младите музичари од земјава. На споменатиот концерт беше доделена и годинешната награда “Клементина Рафајловска” на младиот Зоран Кирја­ковски за најдобар инструменталист матурант на МБУЦ, а настапија и дел од досегашните десет добитници на наградата: Огненка Герасимовска, Александар Крапо­вски и Симон Трпчевски.


Основана во спомен на прерано починатата харфистка, Клементина Рафајловска, Фондацијата, со еднократни стипендии ја под­­држува и меѓу­народната афир­ма­ција на младите, овозможувајќи им учество на меѓу­народни семинари и натпревари, го пот­тикнува уметничкиот развој на учениците, организира стручни собири за размена на знаења, ја поддржува и концертната дејност во земјава и во странство, како и изработката на аудио-визуелни проекти.

Успесите на младите музичари се одбе­ле­жуваат со доделување плакети, а досега се доделени и десетина едно­крати парични стипендии на најуспешните учесници на 39-тиот државен натпревар на музичките училишта на Република Маке­донија. Со финансиска помош на Фондацијата, целосно е финан­сирана изработката на прв, од ваков вид, компакт-диск од истиот натпревар.

Во досега реализираните активности се забележани и телевизискиот пренос на МРТВ на концертот на оркестарот Московија на Охридско лето во 1998 година, концертот на добитниците на наградата Скопско лето, успешната соработка со фондации од странство, но и со државни, стручни, научни и општествени органи и организации заради обезбедување материјално-фи­нан­сиска и др. поддршка на учениците, ансамблите, класите, групите и други сродни институции од земјава.

Годинешните активности на Фондацијата “Клементина Рафајловска” се насочени кон изработка на ЦД-изданија и отворање сопствен веб-сајт за поголема афирмација на младите музичари. Заедно со Музичката младина на Македонија, Фондацијата ќе го организира и одржувањето  на Меѓународниот натпревар “Музичари на новиот милениум” кој треба да се одржи во Скопје.                

К.Б.