Јавна расправа за предлог
Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор
Јавна расправа за предлог-стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор се одржа на 30 ноември, 2006 година во Скопје, на која разговараа претставниците на граѓанските организации и Владата на РМ. На големиот број заинтересирани претставници на граѓанските организации им се обратија Даниела Трајановска, генерален секретар на Владата на РМ, и Луиџи Сандрин, раководител на Европската агенција за реконструкција.
„Свесна за важноста на демократскиот израз, ефикасноста и умешноста на граѓанските организации, во стратегијата Владата ги внесува основите на соработката со граѓанските организации и се зазема систематски да ги зајакне основните услови за побрз и поефикасен развој на овој сектор”, рече во своето обраќање Трајановска. На јавната расправа зборуваа и Сузана Никодијевиќ-Филиповска, раководител на Секторот за анализа на политиките и координација при Владата на РМ, и Елизабета Недановска, раководител на Одделението за соработка со невладините организации во Владата на РМ. „Не постои демократија и национална солидарност без социјален дијалог, функционален систем на претставување на интересите и силно граѓанско општество”, рече во своето обраќање Никодијевиќ-Филиповска. „Изработката на предлог-стратегијата во голем степен беше партиципативна и е резултат на активностите во проектниот тим на проектот од КАРДС „Техничка поддршка на Одделението за соработка со граѓанското општество во Владата”, што се реализира преку Европската агенција за реконструкција, во соработка со КОВИ (ЦОЊИ) од Данска, ИНТРАК (ИНТРАЦ) од Англија и Македонскиот центар за меѓународна соработка, со претставници на релевантните државни институции, како и претставници од граѓанските организации, избрани од Граѓанската платформа на Македонија”, додаде таа. Најзначајната улога на Одделението за соработка со невладините организации е координирањето на реализацијата на стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор. Текстот на предлог-стратегијата го презентираше Наташа Габер-Дамјановска. Целиот текст во пдф-формат може да се преземе на www.graganskisvet.org.mk.
Претставниците на граѓанските организации имаа можност по презентацијата да ги кажат своите забелешки и сугестии до тимот што работеше на текстот на стратегијата. Тоа најчесто беа сугестии да се внимава на критериумите за транспарентно финансирање од страна на Владата што е една од компонентите на проектот за нејзина техничка поддршка, но и за поголема вклученост на граѓанските организации во донесувањето на законите кои имаат влијание за нивното функционирање.
Се очекува стратегијата да биде усвоена од страна на Владата до крајот на 2006 година.
Г.Ј.
|
|