животна средина МЖСПП, УНДП И К-15

Во борба против климатските промени

Во рамките на проектот за борба против климатските нарушувања, што во Македонија се спроведува во соработка на Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на ООН - УНДП, се вклучува и Продукција К-15. Популарната екипа се вклучува со активности насочени кон подигнувањето на јавната свест на населението во врска со овој голем глобален еколошки проблем.


За таа цел, К-15 подготви ТВ-спот, ТВ емисија, радио реклама, флаер, постер, а ќе организира и забави. Медиумски покровители на кампањата се весниците Вест и Дневник, радио Антена 5, А1 телевизија и пет локални телевизиски куќи.
Како што изјави Бранко Огњановски од Продукција К-15 на прес-конференцијата одржана во МЖСПП , фокусот е ставен на едукација на граѓаните, на кои им се понудени и решенија - што секој од нас може да стори за да го намали негативниот ефект на климатските промени и нивното настанување. Оваа медиумска кампања ќе трае 2 месеци.


Инаку, средствата за целиот проект ги обезбеди ГЕФ - Глобалниот фонд за животна средина. До крајот на годинава, Министерството треба да изготви и национален извештај за климатските промени, како обврска произлезена со ратификацијата на Конвенцијата за борба против климатските промени, што Република Македонија го стори во 1997 година.
М.Иванова