Споредбена анализа на д-р Ебен Фридман

Ромите најинтегрирани во Македонија

“Интеграцијата на Ромите во Словачка и во Маке­донија - компаративна анализа” е насловот на трудот на Ебен Фридман, во издание на МЦМС, промовиран на 24 јануари во Скопје. Трудот е дел од докторската теза на Фридман, доктор по политички науки на Универзитетот на Калифорнија, Сан Диего, под наслов “Објаснување на политичката интеграција на малцинствата: Ромите како тежок случај”, во која авторот ја базира тезата на двегодишното теренско истражување во Словачка и во Македонија. Во компаративната анализа оп­фатени се делови за Словачка и за Македонија, за општата состојба на Ромите, политиката на владите и за  ромската стратегија за справување со проблемите.

“Во посткомунистичкиот период на Југоисточна Европа Република Словачка најверојатно најлошо ги третира своите Роми, додека степенот на политичка интеграција на Ромите во Р. Македонија можеби е највисок. Сепак, тие и натаму се на маргините на општеството, што укажува на огромното поле за работа на оваа проблематика” - потенцира Фридман. За изданието, извршниот директор на МЦМС, Сашо Клековски, додаде: “Со издавањето на компаративната анализа се постигнуваат две цели. Првата е согледување на состојбата со ксенофобијата, почитување на разликите и толеранцијата во Македонија, и тоа на случај на ‘мало’ малцинство. Ова е важно од аспект на градење мултикултурно, а не моно или бикултурно општество. Втората е придонесот во градење ‘национална стратегија’ за справување со проблемите на Ромите и во пресрет на Ромската декада 2005-2015 година. Корисноста е зголемена со можноста за споредба (со Словачка) и со фактот дека авторот е независен и не­прис­трасен набљудивач”. За  про­моторката Мирјана Нај­чевска од Институтот за  социо­лошки и политичко-правни истражувања и прет­се­дател на Хелсин­шкиот ко­митет за човекови права од Скопје, книгата е обид да се покаже отпор кон расис­тичките вкоренети уверувања, кои не можат да се искоренат со декларатив­ни заложби. Изданието е дел од програмата „При­ме­нето образование на младите Роми”, кое МЦМС ја спро­ведува со финансиска по­мош од Данската црковна помош (ДЦА) и од Унијата на данските средношколци, а по­крај печатеното издание е објавен и цд-ром на македонски и на англиски јазик на целиот текст на трудот.                

Д. М.