БАЛКАНСКА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА - БЕНА


Соработка на научно и стручно ниво


БЕНА е кратенка за Балканската асоцијација за животна средина која беше покрената како грчка иницијатива и формирана во 1998 година во Солун. Во неа членуваат научни работници и стручни лица кои работат на различни области поврзани со животната средина.

 Во БЕНА активно членуваат и неколку научни и стручни работници од Македонија кои се вклучени во регионалните проекти што ги спроведува Асоцијацијата. Координатор на македонскиот национален комитет на БЕНА е д-р Јосиф Таневски, а во него членуваат академиците Јордан Поп Јорданов и Глигор Каневче и професорите Свето Хаџи Јорданов и Петар Петровски. Во јануари, во организација на македонскиот комитет на БЕНА, а како гостин на МАНУ, во Скопје престојуваше претседателот на оваа асоцијација, д-р Фокион К. Восниакос, професор на солунскиот универзитет „Аристотелус”, кој во МАНУ одржа предавање за балканските ризици од радијација.
Како што ни рече професор д-р Восниакос, досега во организација на Асоцијацијата се одржани неколку конференции на теми: „Еколошко образование во Солун”, „Индустриско загадување во Софија” и „Прекугранично загадување во Букурешт”. Се очекува наскоро да биде одобрен проектот „Проблема” од Европската унија кој се однесува на загадувањето на Црното Море, односно на влијанијата на земјите од медитеранскиот регион врз овој затворен еколошки морски систем, а ќе го опфати и проблемот на загадување на реката Дунав која има големо влијание врз Црното Море.
БЕНА, исто така, работи и на урбан еколошки менаџмент на историските градови, како и на проект за регионалното аерозагадување во кој соработува со големите електрокомпании од Македонија, Романија, Бугарија, Грција и од Шведска. Во план е да се започне пилот-проект во РЕК „Битола” со кој треба да се спроведат неколку конкретни активности за намалување на загадувањето од комбинатот и воведување на еколошките стандарди ИСО14.000, вели д-р Восниакос.