репортажа: ЅВЕГОРСКА СУРВА

Црни во лицата, светли во срцата

На 14 јануари во Ѕвегор сите беа црни во ли­цата, весели и насмеани. Намаше ниту еден неизгаравен, зошто црното врз лицето значи среќа, бркање на лошите духови, здравје и богатство во новата година. Дури и возачите на голе­мите скании, туристите со скии на покривите од автомобилите и другите кои мораа да поминат низ Ѕвегор на влез или излез во насоката Македонија-Буга­рија, беа застанувани, исцрнети, и им плаќаа “данок” на ѕвегорските “суроваскари”. Некои од селските “уба­вици” (всушност мажи обле­чени како жени) дури се оби­дуваа да влезат во кабините на камионџиите и со “црн” бакнеж да им ја пренесат желбата за среќно ново лето.

Ѕвегорската сурва е забава не само за сите жители од ова делчевско село, туку и за сите кои минуваат или престојуваат во него секоја година, на денот посветен на Свети Василиј Велики, 14 јануари. Во магијата на овој древен обичај се уверивме и ние, оваа година. Лесно се препуштивме на масовната радост и уживавме гледајќи ги зетот и невестата, мечката и мечкарот, белаците, данокџијата, попот и другите маски.

Ѕвегорската сурва е еден од карневалските обичаи кои се одржуваат на Василица и ја означуваат прославата на “старата” Нова година. По многу нешта, овој кар­невал се разликува од другите – пред с$, тој се прославува дење. Всушност, сурвата во Ѕвегор означува прослава на свадба – с$ тука е по “пропис” за потребите на таквиот чин – има и невеста (преоблечен маж, зошто во сурвата не учествуваат жени), младоженец, поп кој ги венчава, сватови, музика… Ја следевме свадбената поворка која од рано наутро мораше да ја посети секоја куќа во селото. Невестата “гувееше” под густ бел превез – никој не знаеше, до последниот миг, кој “јунак” ја презел таа улога. Оние кои беа премногу љубопитни, се обидуваа да ја разоткријат, но нејзиниот љубен и “белаците” (маскираните во целосно бела облека) будно ја чуваа, не премногу нежно бркајќи ги напасниците со дрвени сабји. Се воодоошевувавме од одлично изготвените маски, кои се прават целосно рачно, од домашни материјали: питачките, мечката и мечкарот, една огромна мајмуница, бебето со цуцла и пелени кому колениците високо му стрчеа од старинската количка, неговата “мажествена” мајка која се сопнуваше на високите штикли…

Гоце Јаневски, нашата врска со реалноста во овој бајковит свет, не го препознавме под попската облека и белата брада, додека кадеше со лут пипер кој тераше на кашлање и ги штипеше очите. По поздравот и црнењето на образите, се упативме на сретсело, каде се случуваше кулминацијата на настаните. По општата тепачка со дрвени мечеви и дабови прачки, невестата конечно е разоткриена. Се откриваат и другите маски, на општа смеа, а селените се подготвуваат на заедничка веселба и прослава на заминувањето на старата година, со желби за бериќет и здравје во новата. С$ што се собрало од куќите кои ги посетуваа свадбарите (пари, храна, пијалак), се употребува за селската забава во Домот на културата. Се подготвуваат автентичните специјалитети (меѓу кои баница со свински црева), се купуваат пијалоци, и ѕвегорци слават до доцна во ноќта. Го слават својот убав обичај, кој го сочувале и одржале со векови, онака каков што го презеле од своите предци. Неоштетен од модерните влијанија – без купени, пластични маски, и со многу длабока народна симболика.

Годинава, тие посакаа сурвата да ја споделат со другите. Неколку дена пред Василица, група суроваскари дојдоа во Скопје и на оние кои дојдоа на централниот плоштад „Македонија” им приредија несекојдневно уживање. Скопјани застануваа, гледаа, се смееја, по мобилни теле­фо­ни ги повикуваа своите блиски да дотрчаат на плош­тадот да видат што се случува. Настанот го следеа речиси сите медиуми, вечерта ѕвегорските маски беа на скоро сите вечерни вести, а утредента, во весниците. Тоа беше мошне оригинален начин да го претстават своето традиционално наследство и да ги поканат граѓаните од Македонија и многубројните заинтересирани странци да ја проследат ѕвегорската сурва во автентичен амбиент, каде што е уште повесела.

 

Марија Иванова