д-р Ивон Кожухарова – “СЕГА” (Старт за ефективни граѓански алтернативи)

Можеме да се свртиме назад и да ја видиме разликата

Со д-р Ивон Кожухарова, претседателка на Управниот одбор и една од соосновачите на платформата „Сега”, разговаравме на последниот НВО Саем, кога заедно со нејзините колеги од граѓанските организации од Бугарија ги презентираа активностите пред македонскиот граѓански сектор. За жал, не можевме ни да претпоставиме дека ова ќе биде последниот разговор со оваа пријатна жена полна со ентузијазам. Веруваме дека на многумина со кои работела веќе им пренела дел од своето искуство, знаење и вештини затоа што така ќе може да биде надоместено нејзиното отсуство во бугарскиот граѓански сектор. Во овој број го објавуваме последниот разговор што го водевме на 16 декември 2007 година.

Г-ѓа Кожухарова, може ли да ни кажете неколку основни информации за вашата организација?

Нашата организација работи веќе 12 години и им помага на локалнобазираните, формални и неформални организации, го подобрува нивниот капацитет и ги оспособува да учествуваат во решавањето на локалните проблеми. Им даваме обуки, информации, служиме како посредници меѓу организациите и локалната власт, ги развиваме лидерските вештини и партнерството, пишуваме проекти, мобилизираме ресурси. Работиме првенствено со луѓе во нерамноправна положба, работиме со Роми, а имаме и програми за млади. На централно ниво работиме со централните институции, правиме кампањи, лобираме за промена на политики, за промена на закони, базирано на праксата. Организацијата работи на национално и на локално ниво. Работата на локално ниво се одвива низ локалните организации.

Какви се вашите досегашни искуства во работењето и со Ромите и со младите?

Најдобрите резултати ги постигнавме во три области во кои работиме: во образованието (пристап до образование), во генерирањето приходи и во локални социјални услуги кои се неопходни во општеството.

Во образованието имаме многу добри постигнувања. Работиме, како што реков, со Ромите. Организациите започнуваат да работат со децата и со родителите уште од предучилишна возраст, затоа што тие имаат проблем со бугарскиот јазик. На овој начин поподготвени се вклучуваат во училиштата. Многу се работи и со родителите и со локалните власти. Таму работиме многу на процесот на десегрегација, знаете дека во ромските населби има специјализирани ромски училишта каде што нивото на образование не е добро. Сакаме да ги извадиме децата од населбите за да можат да ги посетуваат општите училишта. Имаме веќе многу добри резултати во некои од местата во кои работиме. Голем број од децата веќе завршиле средно образование, се запишале на високо образование. Образованието е најважниот сегмент, без него Ромите не можат да бидат интегрирани во општеството.

Втора голема активност ни е генерирањето приходи. Имаме голема програма, ја викаме „Програма за земјата”. Главната цел е ромски семејства да добијат земја. Ромските семејства земаат земја, ја обработуваат, потоа можат да ја купат и да ја исплаќаат. Има еден специјален револвинг-фонд во кој парите се вртат. Обработувајќи ја земјата, семејствата имаат за себе, а можат и да продаваат и да остваруваат приходи. Изненадувачки, многу луѓе се пријавија за користење на повластиците од Програмата. Изненадувачки, затоа што Ромите не се луѓе од земјоделството, а одѕивот беше висок.

Имаме и помали програми за мали или за семејни бизниси. На централно ниво во овој дел работиме на подобрување на политиките за создавање нови работни места  и против дискриминацијата. 

И третото постигнување е во делот на чисто социјални услуги, поддршка преку социјална помош за оние кои имаат голема потреба од неа.

Главните постигнувања сепак се во образованието и во генерирањето приходи.

Какви се искуствата од работата со родителите во делот на образованието?

Има многу голема промена. Во 1995 година, кога се правеше истражување за потребите на луѓето, најголем број испитаници рекле дека имаат потреба од социјална помош. Сега сите велат дека имаат потреба од образование. Полека нивното мислење се менуваше, затоа што видоа дека на нивните деца им е подобро со подобро образование. Тоа не е нешто што може да се допре и да се измери, ама е многу важно.

Во Бугарија живеат околу 800.000 Роми, што е 10 % од вкупното население. Тие не се компактни заедници, внатрешно се поделени во групи кои меѓу себе доста се разликуваат. Можам да кажам дека во помалите општини подобро се работи.

Кажете ми сега за вашите кампањи, за застапувањето, за промената на законските решенија, за поповолните законски решенија.

„Сега” е член на различни структури при централните институции, како што е Советот за етнички и демократски прашања, Националниот совет за интеграција на ромските деца низ образованието, Фондот за образование на децата и други различни работни групи. Низ овие структури и заедно со други граѓански организации се обидуваме да влијаеме за промени на законите. Така беше со Законот за социјална помош во кој се направени извесни прочистувања во процедурите за добивање на помошта. Тешка битка водевме за да го смениме законот кој ги опфаќа прашањата поврзани со нашата „Програма за земјата”. Според тогашниот закон, за да се обработува земјата, требаше да се платат 20 % од вредноста на земјата. Ромите се сиромашни и немаат можност да ја исполнат оваа обврска. Ние успеавме да влијаеме за промена на законот. Промената обезбеди обработка на земјата и подмирување на долгот за закупот на рати. Има и други примери како овие, но суштината е иста, влијание кај државните структури кои учествуваат во креирањето и донесувањето на законите. Лобирањето го правиме на основа на нашата пракса и на основа на тоа што го добиваме од нашата мрежа на организации. Мрежата има 23 организации, така што зад нашите иницијативи и активности стојат многу луѓе.

Во Македонија во моментов функционира една платформа, меѓутоа постојат повеќе мрежи. Какви ви се искуствата во координирањето на платформата?

Бугарската асоцијација на развојни граѓански организации е релативно нова платформа, постои две години. Две организации ја координираат платформата, едната е „Сега”, а другата е Кер интернешнл (Царе Интернатионал). Воопшто не е лесно. Тоа е неформална платформа, уште нема правила на функционирање и сe е на доброволен принцип. Во моментов сме до нивото на јакнење на капацитетите. Сега ќе имаме работа и надвор од земјата. Граѓанските организации имаат малку допир со организации надвор од земјата. Но, сега ќе $ бидат партнери на државата во нејзините проекти во Грузија, во Ерменија итн. Имаме веќе мисија и цели, а имаме изработено и етички кодекс. Решивме да не се регистрираме, туку да останеме неформална платформа затоа што тоа ни дава поголема флексибилност. Платформата во почетниот, ентузијастички период, имаше 30 организации. Во меѓувреме таа бројка се намали и сега се активни меѓу 12 и 15 организации. Имаме интернет-група во која дискутираме. Имаме заедничка програма и работни групи.

Какво е вашето лично искуство во координирањето на повеќе различни организации? Колку се подготвени организациите некогаш барањата на платформата да ги стават пред сопствените барања?

Не е лесно. Организациите што останаа во платформата имаат претставници кои имаат мандат да ја претставуваат нивната организација, па од тој аспект немаме проблеми. Порано имавме повеќе проблеми заради големината, многу луѓе, секој сака да патува, да види, да дознае за другиот и тоа потешко се координира. Сега работите се канализираат низ работните групи и секој си ја врши работата.

Се сменија ли многу работи за граѓанското општество откако Бугарија стана членка на ЕУ?

Други се условите. Сега фондовите веќе минуваат низ владините институции. Од една страна некои општини немаат доволен капацитет за аплицирање до фондовите. Ние правиме обуки за општинската администрација за тоа како треба да подготват проект, како да ги одредат приоритетите. За граѓанските организации тоа се големи тендери кои бараат задоволување специфични услови, како на пример да имаат 10-годишно постоење, голем буџет итн. На овој начин малите и средните организации отпаѓаат. Заради ваквите промени, треба и ние да се менуваме, ни требаат нови капацитети што ќе одговорат на новите услови. Главните промени се  во начинот на финансирањето.

Како го прифаќаат тоа граѓанските организации?

Тие беа подготвени, се знаеше дека така ќе биде. Се мачат за да преживеат. Во Бугарија има регистрирано над 20.000 граѓански организации, а активни се можеби 2.000-3.000.

Колку лично вие сте долго во овој сектор?

Од 1991 година. Тогаш почнав да работам за УНИЦЕФ, потоа отидов во „Сега” и оттогаш сум тука, во граѓанскиот сектор.

 
Правите ли некогаш споредба на овој со другите сектори во кои сте работеле?

Па, тешко се споредува тоа. Прво, времињата беа други. Работев како новинар во еден медицински весник, затоа што по професија сум лекар. Ништо не може да се спореди со работата со луѓе како оваа која ми носи големо задоволство. Некогаш е многу тешко, кога ги мериме резултатите знаеме да кажеме „утопија, не може ништо да се направи”! Но, како што минува времето, можеме да се свртиме назад и да ја видиме разликата. Другата многу добра работа е контактот со многу луѓе, различни луѓе, различни организации, различни проблеми, различни грешки, добар обид, лош обид...

Успевате ли вашиот ентузијазам да им го пренесете на младите луѓе и да ги мобилизирате нив во нашиот сектор?

Да, ама не сите. Работите доста се променија по приемот на Бугарија во ЕУ. Има луѓе кои бираат и тоа е нормално, но ние работиме многу со доброволци и со студенти.

Во организацијата имаме 7 вработени. Јас сум претседател на Управниот одбор. Во моментот имаме двајца доброволци. Секој е „натоварен” со сe, секој си има должности за кои е одговорен. Екипата во моментов ни е многу добра, претежно се тоа млади луѓе.

И, на крајот, какви искуства ќе понесете од Саемот?

Ова е прекрасна идеја, добро организирана и им честитаме на организаторите. Се надевам дека ќе се видиме и во некоја друга прилика.