Шест години “Граѓански свет”

Приближување на концептот и суштината на граѓанското општество

Пред точно шест години, поточно во февруари 2001 година, излезе првиот број на „Граѓански свет”, по пилот-бројот, кој како „пробен балон” беше издаден еден месец порано, во јануари. Списанието сите овие шест години излегува непрекинато, со 11 броја годишно.

Зошто „Граѓански свет”? – прашува во воведникот на пилот-изданието директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Сашо Клековски, кој сите овие години е и главен и одговорен уредник на списанието. Ќе парафразираме дел од неговиот неколкуслоен одговор на тоа прашање, заедно со неговото цитирање на зборовите на Зоран Костов во написот „Зошто НВО-исти, а не материјалисти, надреалисти или дефетисти?”: списанието се понуди како одговор на неразбирањето, или понекогаш лошото разбирање за граѓанското општество кај дел од јавноста, вклучувајќи ја и т.н. општествена елита, па и државните органи.

Можеби, по шест години, некое истражување ќе потврди дека одредено ниво на разбирање на граѓанскиот сектор е сепак постигнато. Колкава притоа би била улогата на „Граѓански свет”, тоа хипотетичко истражување не би можело егзактно да се потврди (пред с$ поради недостиг на претходно нешто кое би служело како репер); сепак, и покрај опасноста да бидеме обвинети за пристрасност, веруваме дека списанието има свој удел во подоброто разбирање на суштината и на концептот, па и на важноста на граѓанското општество во македонската држава. Не само поради рубриките кои поимот  „граѓанско општество” и неговите сегменти ги толкуваат теоретски (како на пример рубриката „Концепти”), туку и поради практичното приближување на активностите на тој храбар нов свет кој израсна во нашата држава; поради зафаќањето во проблемите кои се заеднички за сите „светови” – сиромаштијата, образованието, човековите права; поради сликовитото репортерско приближување на случувањата; поради можноста за размена на мислења и дебатирање; поради отворањето на прозорците кон странските искуства и практики – и поради многу други нешта, за чие набројување и елаборирање просторов е кус...

М.И.