ПРОГРАМА ЗА ЈАВНО ЗДРАВСТВО – ИОО
Пет години промоција на јавното здравство
Годинава, програмата за јавно здравство која ја спроведува Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, навршува пет години од своето работење во Република Македонија. Тоа е мрежна програма на Институтот отворено општество од Њујорк. Главната цел на оваа програма е да го промовира и поддржи концептот на јавното здравство кое подразбира вклученост на јавноста, рамноправен третман и достапност на јавните здравствени институции до сите. Јавното здравство се стреми да укаже дека општеството и поединецот имаат права и обврски во унапредувањето и одржувањето на здравјето преку директни активности и услуги или преку унапредување на здравата животна средина и здравјето во заедницата. За таа цел, неопходно е дефинирање на мерливи цели за подобреното здравје на поединецот и на заедницата.
И годинава, Програмата за јавно здравство ќе соработува со институции од областа на здравството (Министерството и здравствените институции) и со граѓанските здруженија кои работат во оваа област.
Програмата во 2005 година ќе се фокусира на стандардизирањето на квалитетот на здравствената заштита, преку постдипломски студии од областа на јавното здравство и преку создавање услови и политика за рамноправен пристап до здравствената заштита особено за ранливите групи граѓани (Ромите, корисниците на дрога, лицата со интелектуални и физички пречки, лицата кои живеат со ХИВ/СИДА).
М.И.
|
|