Форум
Санкционирањето на семејното насилство, новина во Македонија
Рубриката ФОРУМ, во овој број на Граѓански свет им ја посветуваме на актуелните измени во кривичниот законик на Македонија, со кои за прв пат се санкционира семејното насилство кај нас. Своите искуства, мислења, сугестии, ставови во оваа прилика ги презентираат Женската граѓанска иницијатива АНТИКО и Здружението на жените “Престиж”. ФОРУМОТ е отворен и за Вас на адресата: www.graganskisvet.org.mk или www.civicworld.org.mk , каде треба да се пријавите со име и презиме, наведувајќи го и името на здружението на граѓани, доколку некаде членувате.
“Женската граѓанска иницијатива АНТИКО го поздравува усвојувањето на измените и дополнувањата на текстот на кривичниот законик кој го третира семејното насилство. Ова претставува значаен чекор и напредок за заштита на жените и децата, кои во нашето секојдневие се јавуваат како најбројни жртви на овој вид насилство. За проблемот на семејното насилство, први што јавно проговорија и реагираа беа женските НВО.
Секако, ние би биле многу позадоволни доколку за регулирање на оваа проблематика се усвои посебен закон за семејно насилство, со интерсекторски и интердисциплинарен пристап и соработка, како и со усвојување измени и дополненијата на “одредбите за заштита” во рамките на Законот за семејство, што би значело нов почеток во долгорочниот процес за решавање на оваа проблематика, семејното насилство кое го загрозува животот и достоинството на голем број жртви (повеќето жени и деца). Но она што би сакале да се спроведува е и регулирањето на процедурата за привремено отстранување на насилникот од семејството, а не на жртвата. Се надеваме дека предвидените решенија во законите доследно ќе се применуваат и тоа ќе значи нов квалитет во третирањето и решавањето на оваа проблематика” - Ѓунер Небиу.
“Тргнувајќи од Декларациите на ОН, Здружението на жените “Престиж” - Битола во 1996 година за прв пат учествуваше во анкетирањето на граѓани, со прашалници од областа на семејното насилство. При анкетирањето беа испитани жени и мажи, при што мажите беа отворени за соработка, додека жените беа недоверливи, срамежливи и категорични во одговорите: “Никогаш не сме биле тепани”. Ваквите одговори побудија интерес кај активистките на Здружението на жените ,,Престиж” за фактичката состојба на жените во Македонија по овој проблем. Од тие мигови стана видлив проблемот со кој секоја петта жена се соочуваше и умешно го сокриваше. Усвојувањето на предлог-измените во кривичниот закон во однос на семејното насилство кои деновиве беше донесен од страна на Собранието на Република Македонија, претставува еден значаен момент за жртвите, чии голем број насилници се непознати, или неказнети. Граѓанскиот сектор во земјава со својот ангажман го наруши молчењето на многу жени жртви на семејно насилство, како и молчењето на општеството за овој алармантен проблем, кој н$ поттикна сите нас да ги заштитиме и да им кажеме дека не се сами и дека не се виновни за нивниот претрпен страв. Денес во повеќе од 95 земји во светот постојат солидарни мрежи за поврзување и дејствување на СОС-телефони, меѓу кои и нашата канцеларија. Убедени сме дека чинителите на насилството ќе се подзамислат при преземањето која било форма на насилство, кога ќе осознаат дека секое од тие дела се казнува, а жртвата законски ќе биде заштитена” - Маса Димиќ.
|