ИСКРА ГЕШОСКА

Никогаш не би можела без копнежи

 
ПРОФЕСИОНАЛНО ИСКУСТВО: Моите интереси се широки, особено кога станува збор за некакво општествено преплетување. Во моментов, мојата доминантна определба е водењето на Културниот центар Точка, на проектот Слевање на маргините, што с$ заедно е најголемата заложба на здру­жението на граѓаните Контрапункт. Во рамките на овие активности работам и како заменик на главниот и одговорен уредник на списанието Маргина. Инаку мојата страст е театарот, и долги години го проследувам, пишувам осврти, рецен­зии...

АНГАЖИРАЊЕ ВО ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР: За мене формулацијата “граѓански сектор” има многу покоплексно значење отколку само она што го нуди правната регулатива. Значи, сметам, дека човек може себеси да се смета вкотвен во својот ангажман за заложба за граѓанска иницијатива и со некои индивидуални потези, а не само како член на здружение на граѓани. А тоа мислам дека се обидувам (помалку или повеќе успешно) да го правам постојано. Инаку, Контрапункт постои од 2001 година, и за овие две и пол години успеавме, ми се чини, да покренеме доста иницијативи, и да промовираме една понеформална перспектива во дејствувањето и менувањето на општеството. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите.

ХОБИ И ИНТЕРЕСИ: Готвењето е една од најкре­ативните секојдневни активности. Ми се чини дека со неа успевам и да го трансцендирам секој­дневието. Додека готвам, влегувам во сосема други нивоа на мојата потсвест, своевиден ескапизам за време на кој ги осмислувам своите текстови и своите идни чекори.

АМБИЦИИ: Тешко прашање, бидејќи мојата психолошка структура поинаку ги формулира и моделира желбите, посакувањата... Еден пси­хоаналитичар рекол: “Желбата нема реален објект во стварноста”... па сега видете... како и да е, се трудам да не бидат фрустрачки и големи... а, да, сакам да отидам во Кина, но со воз, со Транс­ибирскаја...

ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ ЧИТА: Теориска литература,  во последно време автори од втората половина на 20-от век, пострук­тура­листи и оние кои ги тре­тираат кул­ту­ролошките и родовите критички пер­спективи, и откривам с$ уште некои нови добри прозаисти.

КАДЕ ОДИ ВО СЛО­БОД­НОТО ВРЕМЕ: За­виси од распо­ло­жението. Обично пешачам низ градот, откри­вам нови улички, или гле­дам некој филм, или гледам во една точка обидувајќи се да ги сведам во неа сите проблематични мисли и чувства.

ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДИ: Главно во Скопје, со актив­ностите од прет­ход­ното.

КОЈ НАЦИОНАЛЕН/ЛО­КА­ЛЕН ПРОБЛЕМ ГО СМЕ­ТА ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН И ЗОШТО? Не е еден. Но еден од поголемите е чувството на “моит пет минути” кај оние што ја раководат др­жавата. Немањето моќ за подолго­рочно размислу­вање, и немањето свест за индивидуална и колективна одговорност. Соп­ствениот интерес и себе­промоцијата на нашите политичари (чест на исклучоците) е секогаш над интересот на државата.

КОЈ ГЛОБАЛЕН ЛОКАЛЕН ПРОБЛЕМ ГО СМЕТА ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН И ЗОШТО? Исто, не е еден. За жал, има с$ повеќе проблеми отколку рела­ксирачки моменти. И тоа за мене е најголемиот проблем: привидот и динамиката на прогресот, идеолошки, политички, технолошки, економски, ми се чини дека е парадоксално опозитен на актуелните случувања во светот. Она што најмногу ме загрижува е “забрзувањето во празно”, како што вели Пол Вири­лио.

ШТО БИ ПРОМЕНИЛА ВО МАКЕ­ДОНИЈА И ВО СВЕТОТ? Во Маке­донија, меѓу другото, би работела на “задушување” на трендот на задоц­нет националромантизам кај сите етнички групи. Мислам дека тоа е многу опасно за оваа мала земја која треба да се сврти кон решавање на други проблеми (криминал, корупција, немање квалитетно судство, образование со с$ по­сомнителен квалитет, застра­шу­вачка администрација, мало­гра­ѓански менталитет, екско­муни­кација на маргинализирани групи, родова (не)чувствителност, патри­јархалност....) А во светот... не знам... многу е комплицирано... но би сакала да се промени трендот на зајак­нување на фашисоидните, тоталитарни тенденции, кои ги промовираат одредени нации сметајќи се за доминантни и ­при­ви­легирани...

НИКОГАШ НЕ БИ МОЖЕЛА: ...без копнежи...

СОВЕТ/ПОРАКА: Да престанеме да даваме совети и да се фатиме за работа.

 
Шехапи избран за нов претседател на Ел хилал

На состанокот на Изборното собрание на Хуманитарната организација Ел хилал, одржан на 5 јули годинава, за нов претседател е избран Бехиџудин Шехапи. Исто така, на состанокот е избрано и 15-членот централно претседателство. Досегашен претседател на организацијата беше Абдурауф Пруси.