Србија и Црна Гора
Црна Гора го доби Законот за слободен пристап до информации
Црна Гора, по две години одолжување, го доби Законот за слободен пристап до информации, усвоен со апсолутно мнозинство. Право на пристап до информациите, со одредени ограничувања, ќе имаат сите домашни и странски, правни и физички лица.
Усвојувањето на законот е голем чекор во остварувањето на слободата на информирањето, како основно човеково право. Најголемиот број забелешки биле упатени за одредбите на законот коишто се однесуваат на ограничувањата на пристапот до информации. Пристапот се ограничува доколку со обелоденувањето е загрозена националната безбедност, одбраната и меѓународните односи, јавната безбедност, комерцијалните, економските, приватните и јавните интереси, економската и монетарната политика, спречувањето на кривичните дела, приватноста и личните права на поединецот, како и постапките за обработување и донесување службени акти.
Црна Гора е една од последните земји во регионот којашто го усвои Законот за слободен пристап до информации.
Г.Ш.
|