КОМЕНТАР

ЗА 100 ГОДИНИ? (или дали некогаш македонскиот ќе го стигне англискиот граѓански сектор)

Не можам да се оттргнам од импресиите што ми ги пренесоа колегите по посетата на граѓанскиот сектор на Англија. Небо – земја, таква е споредбата меѓу нивниот (англискиот) и нашиот граѓански сектор.

Првата работа што ми остави силен впечаток е традицијата. Ја мерев во годините на постоење на разно-разни тела (што владини што невладини) кои го регулираат функционирањето на секторот. Ништо под 100 години. На пример, Комисијата што ги регистрира организациите од јавен интерес и ја регулира нивната работа е стара повеќе од 150 години! За споредба, во Македонија, граѓанските организации уште не се избориле за воспоставување на организации со таков статус, па телото што регулира и регистрира е во минус години.

Некои од бројките повторно потврдуваат дека Македонија, наспроти озборувањата и паушалните оценки, нема многу регистрирани граѓански организации. Во Англија, на секои 1000 граѓани има 8 организации. Кај нас едвај 3 (2,85).

Граѓанскиот сектор во Англија вработува 600.000 граѓани или 2% од работната сила во Обединетото кралство. Во Македонија, според Индексот на граѓанското општество, таа бројка се движи помеѓу 550 и 1500 или помеѓу 0,06% и 0,17% од работната сила. Имајќи ја предвид сегашната ситуација во секторот, заминувањето на донаторите и недостатокот на локална поддршка, оваа бројка и понатаму ќе се намалува. Всушност и сега, според Индексот на граѓанското општество, македонскиот граѓански сектор е сектор на волонтери.

И на крај, парите. Министерството за економија и финансии во Обединетото кралство директно ги финансира граѓанските организации. Годишната поддршка изнесува 150 милиони фунти. Министерството за финансии на Македонија, на огласот за поддршка на граѓански организации распредели 14.7999.000 МКД. Јасно е дека нема споредба ама за да ги воедначиме валутите, тоа се 168.512 фунти. Притоа, при распределбата на средствата, во Англија, се води сметка за тоа колкава е довербата на граѓаните во организациите. Во Македонија, имајќи ги предвид годинешните добитници на финансиска поддршка, тоа не се оценува.

И уште нешто кога сме кај парите. Националната лотарија на Англија од 1993 година до денес распределила за добри цели 15 милијарди фунти. Големиот лотариски фонд годишно префрла 630 милиони фунти за добротворни цели, најголем корисник е граѓанскиот сектор. Во Македонија, парите од игри на среќа и забавни игри се распределуваат на програми кои се наменети за лица со хендикеп, за Црвен крст и за спорт. Оваа годна ќе бидат распределени 75 милиони денари.

Кога ќе го стигнеме англискиот граѓански сектор? Притоа не мислам на милијардите фунти, мислам на поддршката и од страна на владините институции и од страна на граѓаните, на довербата и свеста за потребата од граѓанско организирање и активизам. За 100 години или побрзо?! Само да ни тргне, па нека биде и како во приказната со желката и зајакот.

Гонце Јаковлеска