Граѓанска организација Англунипе - Тетово

Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активност

Граѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка.

Од април, минатата година, ја реализира факултативната настава на ромски јазик за 128 ученици во Тетово, преку предавањата на Имран Јашари - апсолвент на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”. Наставата започнала да се спроведува  најнапред во ОУ „Гоце Делчев”, потоа да се прошири и  во ОУ „Братство - Миџени” и  „А. С. Кикиш”. Англунипе, почнувајќи од ноември 2006 година, го реализира и проектот „Совет на родители”, со поддршка на Американскиот мировен корпус, со што влијае на подобрување на квалитетот на образовните услуги за учениците Роми и на  комуникацијата ученик-родител-училиште. Тројца претставници од Советот на родителите Роми се делегирани во Советот на родителите при ОУ „Гоце Делчев” и имаат полноправно членство, со право на глас.

Освен оваа успешна активност, во досегашното дејствување на Англунипе се издвојуваат и проекти поврзани со анализа на состојбата во која живеат Ромите во градот, нивното образовно ниво, работата на полето на  надминување на сиромаштијата, реализирањето проекти за социјално-економска поддршка на ромската заедница и др.

Во својот стратешки план до 2015 година организацијата предвидува воведување настава на мајчин ромски јазик во редовна настава за припадниците на ромската популација, нивно вклучување во сите сфери на општественото дејствување и изградба на организација на ниво на институција.

К.Б.