Одбележан Светскиот ден на животната средина

Песочниот часовник на Земјата отчукува

Светскиот ден на животната средина, 5 Јуни, годинава се одбележа под мотото „Го менуваме односот” и „Не опустинувајте ги пустините”, при што беше промовирана и поштенската марка „Пустини и опустинување”. Ликовно-графичкото решение е на Ана Стојковиќ, а мотивот е симболичен песочен часовник, кој го одбројува времето на опустинувањето на Земјата. Марката чини 12 денари, изработена е во стандардни димензии и ќе биде постојано издание на Македонски пошти. 

Петти јуни во Охрид беше одбележан со одржување на Меѓународниот фестивал на филмови на тема „Екологија и култура”, а амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, порача дека овој ден на сите им дава можност да се обидат да станат поактивни носители на одржлив и рамномерен развој. „Европската Унија од 2002 година & помага на Македонија да ги подобри своите стандарди во областа на животната средина. Паричната помош на ЕУ во вредност од околу 14,5 милиони евра има за цел да го зголеми капацитетот на владата да ги следи и спроведува регулативите од областа на животната средина”. Но, само законите и регулативите, според Фуере, не се доволни. „Потребна е промена на свеста и старите навики, а најдоброто место да се почне со таквите промени е домот, семејството и училиштето. Би сакал да ве поттикнам повеќе внимание да им посветиме на еколошката едукација и јавната свест како дел од редовната училишна настава” - повика Фуере, по повод Светскиот ден на животната средина.