Коментар
Сe во свое време!
Има ли поупотребувана и поприменлива изрека од онаа во насловот? Како животот да ви започнува со неа, а потоа постојано ве следи, како да сака да ве заштити од непријатни моменти. С$ си има свое време, првата симпатија, првата слаба оценка, првото недоразбирање со родителите, професорите, околината… И така, во животот свесно или несвесно ја прифаќаме оваа крилатица. Веројатно затоа што ја сфаќаме нејзината предност, со неа можете да замените петнаесет-минутно објаснување зошто нешто не треба или не смее да се направи токму сега, а освен тоа не мора да кажете не.
Пред да започнеме да го подготвуваме Граѓански свет ги ставивме на маса сите наши желби за тоа како треба да изгледа првото списание за граѓанското општество во Македонија. И, погодувате, “се во свое време” си ја заврши работата. Пред речиси три и пол години се појави пилот-бројот на Граѓански свет, на 16 страници, во две бои и со повеќе стандардни рубрики. Оттогаш, списанието се надградуваше неколку пати.
Промените главно се однесуваа на зголемување на бројот на страниците и надоградување на содржината, сe во свое време. Овој пат сметавме дека е време да направиме малку поголем чекор. Освен новите четири страници на кои ќе бидат презентирани неколку нови рубрики, списанието и естетски се надоградува. Сепак, најсериозниот чекор е во обидот Граѓански свет да се испроба на пазарот. Тоа значи дека дел од тиражот на списанието ќе биде ставен на продажба. Сето ова секако е во насока на обезбедување на толку посакуваната самоодржливост на списанието. Во последните месеци, или подобро речено во последната година, сe почесто се зборуваше за заминувањето на странските донатори од земјава.
Сe почесто се зборува за потребата да се најдат други извори на средства кои ќе му бидат достапни на граѓанскиот сектор и со кои ќе бидат продолжени активностите на граѓанските организации. Мораше да дојде времето и за ова. Во пракса да се пробаат и да се проверат претпоставките од претходниот период и да видиме дали сме кадарни да одржиме една иницијатива како што е Граѓански свет. Граѓански свет со новиот изглед ќе го добиете како и досега, по пошта, бесплатно. Во првите месеци само еден дел од тиражот ќе биде ставен на продажба, а понатаму, с$ во свое време. А времето поминува, со него заминуваат и некои погодности на кои сме навикнале. Новото време бара некои нови квалитети, идеи, нови начини на работа. На нив ќе треба да се навикнеме, но с$ во свое време! Гонце Јаковлеска |