ФОРУМ НА МЛАДИ НОВИНАРИ
Кампања против новиот Закон за информирање
Форумот на младите новинари е здружение на граѓани кое постои околу една година, а кое веќе стана познато во јавноста, пред се` иницирајќи ја и водејќи ја акцијата против новиот законски проект за јавно информирање. Ова здружение, кое своите членови ги регрутира на две основи – професионална и старосна (до 35-годишна возраст), ја покрена кампањата во која се приклучија и повеќето медиуми во земјава, печатени и електронски.
Маријан Ѓуровски, претседателот на ова здружение, инаку новинар во „Македонија денес”, ни изјави дека барањето на новинарите е предложениот Закон за јавно информирање да се повлече, бидејќи е рестриктивен и ги ограничува правата на новинарите како и правото на јавноста да има навремен и точен пристап до сите информации. - Сметаме дека не е потребен нов закон, бидејќи Уставот и постојните закони во доволна мера ја регулираат нашата работа. Бараме владата да го повлече предложениот акт, а ако не го стори тоа, ќе почнеме со поширока кампања, ќе ги повикаме граѓаните да го искажат своето мислење, а ако дојде до законска процедура, подготвени сме и на штрајк, вели Ѓуровски. Инаку, предложениот закон е изготвен без граѓанско учество. Немаше ниту учество на новинарите и на граѓанските здруженија во неговата изработка, ниту пак јавна расправа по предложениот текст.
|