ПОГЛЕДИ

Данијела Стојанова

Во пепелта од конфликтот лежи семето на обновата


Тешко е да се бара игла во сено, но ако сакаме да продолжиме да живееме во оваа земја, мораме да го најдеме семето, да го посадиме и негуваме.
Почетоков сигурно не навестува дека понатаму ќе зборувам за животната средина. Многу ретко кога се случуваат или пак се зборува за конфликтите, војните, кризите се помислува на животната средина. Подоцна на неа се гледа како совршено поле за заедничка работа и градење на довербата, но најчесто се одбегнува да се преземе одговорност за последиците.
Конфликтите секогаш се пропратени со страдање на човекот и на природата. Последиците по природата ги продолжуваат последиците по здравјето на човекот. Се започнува со обнова на објекти, па и со обнова на животната средина, но дали може да се обнови душата на човекот и духот на природата?
“Еколошката” безбедност е од многу аспекти побитна од националната или од економската безбедност. Всушност, најчесто тие зависат една од друга. Обично ако се изјави дека во градот, земјата, регионот се случува војна и сиромаштија, секој ќе помисли или дека сте луд или пак дека сте непријател. Се сеќавам пред неколку години кога невладините организации предупредуваа за последиците по животната средина од војните во регионот, природата и здравјето на човекот беа, најчесто од државните претставници, обвинувани дека не мислат на стопанството на земјата.
Но, загадувањето од напуштените индустриски објекти, бомбардирањето на фабриките, рафинериите, влијанието врз биолошката разновидност, последиците од осиромашениот ураниум, голите сечи на шумите, влијанието од бегалските кризи остануваат да сведочат со години за она што се случува во овој или кој било друг “нестабилен” регион. Последиците не се разликуваат дали се во Босна, Хрватска, Авганистан, Ирак, Македонија, Африка или Австралија. . . И, секако, сите овие последици, без разлика дали ние ќе ги кажеме или признаеме јавно, имаат влијание врз економскиот развој на земјата, особено што капацитет за раководење и заштита на животната средина во регионот не е на завидно ниво.
Без силна компонента на “еколошка” безбедност, никогаш не можеме да имаме трајна и одржлива сигурност, било да е таа економска, општествена, национална или меѓународна. Хавариите и оштетувањата од индустриските објекти предизивикани со воените дејства предизвикаа неочекувани емисии на штетни материи во воздухот, почвата или водата, и тоа во толкава мерка што често ги поминуваа границите на земјата каде се случуваше конфликтот. Овие оштетувања имаа влијание и врз економското ослабнување на земјата и на регионот, што пак е причина за незадоволство и непланирана миграција на населението, што дополнително ја загрозува животната средина.
На пример, непланираната миграција доведе до никнување на многу неплански населби во околината на поголемите градови, најчесто без потребната комунална инфраструктура. Овие населби претставуваат извор на неконтролирано комунално загадување, како и на деградација и губење на земјоделските површини, т.е. на животната средина, за што во тешки економски услови тешко е да се најде решение. Од друга страна, ваквите неочекувани миграции претставуваат и извори на социјално и економско незадоволство, кои сами по себе претставуваат опасност по безбедноста на една земја.
Во минатото сме ги имале, но во иднина с$ почесто ќе има конфликти заради освојување на природните ресурси, особено водата. Во овој случај конфликтот се јавува како последица од човечката негрижа за животната средина и природата.
Меѓутоа, да престанам да зборувам за конфликтите, затоа што човековата безбедност не е секогаш загрозена од нив. Во 1986 ја доживеавме катастрофата од Чернобил. Тогаш загадувањето имаше влијание врз човекот и живите популации, и претставуваше заедничка опасност по човештвото и секако го наруши чувството на национална безбедност.
Граѓаните, невладините организации, медиумите, државата, меѓународната заедница мораат да се соочат и да направат многу поголеми напори за заштитата на животната средина од декларативните засадувања дрва, организирање конференции, основања министерства за животна средина, правење проценка или организирање светски самити (кои впрочем и самите влијаат врз животната средина).