Организација на жените Радика
Еманципирање на жените во реканскиот крај
Организацијата на жените “Радика” - Скопје е граѓанска асоцијација за афирмација и остварување на човековите и граѓанските права и еднаквост меѓу половите. Организацијата има седиште во Скопје, но има мрежа од 18 активи - Ростуше, Битуше, Велебрдо, Могорче, Скудриње, Присојница, Требиште, Јанче, Жировница, Аџиевци, Горно Косоврасти, Долно Косоврасти, Џепиште, Отишани, Лабуништа, Октиси, Цветово и Долно Количани, во сите населени места од реканскиот крај и пошироко, во кои членуваат 980 жени од разни националности, а претежно Македонки со муслиманска вероисповед.
Организацијата на жените “Радика” е единствена женска организација која дејствува во реканскиот крај. Основната цел на ОЖ “Радика” е целосно еманципирање на жените во реканскиот крај, преку подигнување на свеста за самопочитување и почитување на личноста на жената од нејзиното семејство и од средината во која живее. ОЖ “Радика” се бори против секаков вид насилство, се залага за продолжување на образованието на женските деца, подобрувањето на нивната економската положба и нивно вклучување во развојот и активностите на локалната самоуправа, и во целокупниот општествен живот во земјата.
Организацијата на жените “Радика” во своето постоење има спроведено бројни и значајни проекти, меѓу кои “Планирање на семејството”, “Едукација на жените гласачи”, “Иницијативи за подобар живот (вклучување на жените од реканскиот крај во активностите и развојот на единиците на локалната самоуправа)”, “Препознавање на трговијата со луѓе”.
Оваа година ОЖ “Радика” започна соработка со граѓанската организација “Аид то Артисанс” (АТА) која се занимава со стимулирање на произвотството на рачни ракотворби и обезбедување пласман на производите.
Во Отишани и Џепиште беа организирани изложби на производи од рачно произвидство на жените од овие две села. Овој проект е еден од најважните за ОЖ “Радика” бидејќи на овој начин се овозможува подобрување на тешката економската положба во која се наоѓаат овие жени кои претежно се со низок степен на образование.
Во тек е реализација на проектот “Почитувајте и верувајте во мене (Едукација за правата на жените во Реканскиот крај)”, поддржан од Швајцарската амбасада и од ФИООМ Скопје. Во рамките на проектот се одржани трибини и работилници во Ростуше, Жировница, Долно и Горно Косоврасти, Могорче, Отишани и Џепиште, каде беа презентирани повеќе теми за правата на жените. Оваа едукација ќе биде реализирана во сите 18 села во реканскиот и дебарскиот крај во кои ОЖ “Радика” има свои активи.
Во мај 2004 започна и релизирањето на проектот “Борба против трговијата со луѓе како добро организиран криминал”, со поддршка на ОБСЕ. Овој проект е продолжување на активностите што беа реализирани во претходниот проект “Едукација за препознавање на трговијата со луѓе како организиран криминал”. Во заедничка соработка со сите субјекти опфатени со програмата ќе се одржат состаноци, средби, трибини и сл. со младата популација во сите населени места, на тема “Препознавање на трговијата со луѓе како организиран криминал”.
Организацијата на жените “Радика” се наоѓа на ул. “Васил Ѓоргов” бр. 39, барака 4, во Скопје, а можете да контактирате на тел./факс: 02/322-0667, или на е-маил: озрадикаЖсонет.цом.мк. Претседателка на организацијата е Азиза Асаноска.
Д.М.
|
|