КОМЕНТАР

Дали се разликуваме од другите европски НВО?

 
Многу често си се прашуваме колку се нашите невладини орга­низации различни од дру­гите европски невладини организации, или кај нас поточно здруженија на граѓани и фондации. Мно­гумина од вас често и си помислиле колку се тие понапред од нашите, дури и позавидувајќи им за тоа. Но дали е тоа можеби така или не?
На пример, граѓанските организации на Балканот функционираат со слична орга­низациска поставеност. Донекаде тоа е така и со земјите од регионот на Централна и Источна Европа, но, зборувајќи за нив, има значителни разлики, а можеби Македонија тука најмногу заостанува во даночните олеснувања за ваквите типови организации, односно за НВО.

Сите земји во регионот на Централна и Источна Европа предвидуваат одредени бенефиции. Најчесто тоа се остварува во форма на даночни олеснувања на донатори за прилози извршени во корист на гра­ѓанските орга­низации.

На пример, во Унгарија од 1996 година во сила е закон којшто предвидува правните лица, односно даночните обврзници, да назна­чуваат дека 1% од својот данок ќе го насочат кон некоја граѓанска организација којашто најдобро ги остварува очекуваните цели и интереси на даночните обврзници.

Истиот пример, од неодамна, го следат и Словачка и Литванија. И според нивните новоизгласани закони даночните обврзници треба да назначуваат дека 1% од нивните даноци треба да им се исплатат на опре­делени НВО.

Ако зборуваме, пак, за организациската поставеност на невладините орга­низации од Западна Европа, според мое мислење, таа некако се разли­кува од нашите.

Таквата организација си има свој директор, свој одреден персонал, но за главните активности, на пример изготвување и спро­ведување проекти, или слично, орга­ни­зацијата најмува надворешни лица, од­носно консу­лтанти. Поврзаноста на кан­целариите на една иста организација во различни региони како да не се чувствува, тие се скоро независни, како да нема централна канцеларија.

Зборувајќи за правното регулирање на НВО, на пример, во цела Италија има регистрирано само 38 невладини орга­низации чија основна дејност им е заштита на животната средина. Тоа е така зашто доколку една италијанска организација сака да се регистрира како НВО што ќе е активна во полето на заштита на животната средина, таа мора да добие дозвола за тоа од Мини­стерството за заштита на живот­ната средина на оваа земја. Дали е тоа добро или не, не знам. Оваа моја кон­статација доаѓа од искуството и контактите со една НВО од областа на заштита на животната средина од Рим и регионот на Лацио, Италија.

Значи, каде е, или каде треба да се движи македонското општество, зборувајќи за НВО?

Македонија треба да покаже дека има капацитет да фати приклучок и дека не е предодредена постојано да заостанува, на пример, во даночните реформи. Врз основа на ова позитивно искуство, покрај другите неопходни измени во даночната рамка за граѓанските организации во Република Македонија, можеби е потребно да се понудат решенија за посебен закон или за допол­нување на постоечките прописи кои се исти или адекватни на т.н. „ данок од 1%”.

Даниел Медароски