ЗДРУЖЕНИЕ НА ТУРЦИТЕ „ЧЕЛЕБИЈА“
Битола, бабам Битола
Во рамките на проектот Битола, бабам Битола, што го спроведува Здружението на Турците „Челебија“ од Битола, на 24 јануари годинава, во овој град се одржа трибина на тема „Културните вредности на Битола“, на која воведничари беа г. Ѓунер Исмаил и г. Иван Додовски.

Трибината здружението „Челебија“ ја организира во соработка со Младинскиот културен центар во Битола, а таа привлече голем интерес. Фокусот на дискусијата беше ставен на различните културни вредности на овој град, посебно на разнородните етнички култури кои го создаваат неговото ткиво.
Оваа трибина е дел од проектот Битола, бабам Битола, кој опфати уште два интересни настани - едниот беше изложба на книги на турски јазик печатени во Република Македонија, организирана во партнерство со Матичната и универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ од Битола; вториот настан се состоеше од рецитал на актерката г-ѓа Сабина Ајрула и монодрамата Битола, бабам Битола, со актерот г. Салаетин Билал, а беше организиран од „Челебија“ во партнерство со Домот на културата од Битола.
Инаку, проектот Битола, бабам Битола има за цел, по настаните кои во 2001 година ги нарушија меѓуетничките односи во овој град, да ги потсети граѓаните на културните врски кои со векови се граделе меѓу Македонците, Турците, Албанците, Власите, Евреите и другите граѓани кои живееле и живеат во него. Проектот е дел од Програмата за подобрување на меѓуетничките односи која во Македонија ја спроведуваат Фондацијата Институт отворено општество, Фондацијата Чарлс Стјуарт Мот и белгиската Фондација Крал Бодуен. Овој проект е технички поддржан од Европскиот центар за малцински права и од Меѓународната организација за миграции.
М.И.
|