Коментар

Аларм на Денот на ООН

Да ви ја претставам денешницата: „Денеска 24.000 луѓе ќе умрат од глад. Сиромаштијата и не­еднаквоста растат. Над 860 милиони луѓе низ светот се неписмени. 98% од нив живеат во земјите во развој. Една третина од жените се физички малтретирани, присилени на секс или злоуптребени на друг начин. 70% од луѓето кои живеат под линијата на сиромаштијата се жени. Учеството на жената во работната сила во периодот на транзиција е намалено. Стапката на вра­ботеност кај мажите (61.8%) е по-висока од таа кај жените (38.2%). Секоја 1,2 секунда едно дете се раѓа во сиромаштија, секои 3 секунди едно дете умира од некоја болест, секои 7 секунди едно дете умира од глад или ненахранетост.

Секоја минута една жена умира од компликации при породувањето. Низ светот секој ден 13.000 нови лица се заразуваат со ХИВ/СИДА. Една шестина од населението на земјата нема прис­тап до здрава вода за пиење...”

Во месецов што помина Организацијата на Обединетите нации (ООН) го одбележа својот ден, 24 Октомври. Оваа година тој ден им е посветен на Милениумските развојни цели (МРЦ): Иско­ре­нување на екстремната сиро­маш­тија и глад; Постигнување универзално ос­новно образование; Промоција на родовата еднаквост и јакнење на жените; Намалување на смртноста кај децата; Подобрување на здравјето на мајките родилки; Борба против ХИВ/СИДА, маларијата и другите болести; Одржливост на животната средина; Вос­поставување глобални партнерства за развој. Овие цели во 2000 г. беа прифатени и потпишани од сите 189 земји членки на ООН како напор значајно да се намали сиро­маш­тијата до 2015 г. Меѓу нив е и Македонија.

Милениумските развојни цели се значајни за Македонија, тие можат да помогнат да се дефи­нираат националните приоритети за развој, да се дефинира сопствена долгорочна стратегија за развој, да се постават реални цели за развој кои би можеле да бидат достигнати до 2015, да се постигне општествен консензус за развојните прашања, да се мобилизираат политичките лидери, деловната заедница и партнерите за развој и граѓанскиот сектор и да се следи напредокот кон стандардите на ЕУ. РАЗМИСЛЕТЕ!