Проект за модернизација на образованието

Преку обуки кон квалитетна настава

Македонскиот центар за меѓународна соработка во учебната 2006/2007 година спроведе шест обуки во исто толку основни училишта во Македонија. Обуките имаа за цел да придонесат кон унапредувањето на квалитетот на наставата и зголемување на учеството во наставата во целните училишта на проектот. Темите кои беа избрани од страна на училиштата беа: раководење со проект, обука за вештини на комуникација, партиципативен приод кон учењето и раководење во училишта.

„Многу ми се допадна како беше концептиран проектот, односно обуката. Нашето училиште е едно од најголемите во општината и со релативно добра инфраструктура. Има потреба од донации, почнувајќи од централното греење, до подобрување на хигиенските услови. Исто така и поради големиот број на ученици треба да се прошири објектот, што бара наш ангажман”, ни кажа Селајдин Дестани, наставник во ОУ „Бајрам Шабани” од Куманово.

„Тоа што го добивме како знаење и вештина на оваа обука ќе можеме да го примениме во иднина - да подготвуваме стратешки планови и да стигнеме до нашите зацртани цели. Овие обуки треба да продолжат и во иднина. На почетокот мислевме дека некои работи можат самите да се решат без наш ангажман, но на крајот сите учесници дојдовме до заклучок дека самите треба да преземеме некоја конкретна акција”, додаде Дестани по завршувањето на обуката. Инаку, услугите на МЦМС за испорака на обуки ги користеа уште ОУ „Санде Штерјоски”, Кичево, ОУ „25 Мај”, нас. М.А.Ченто, Скопје, ОУ „Петар Здравковски-Пенко”, Скопје, ОУ „Гоце Делчев”, Неготино и ОУ „Маца Овчарова” од Велес.

Во јули, оваа година, Бирото за развој на образованието го акредитира МЦМС  за спроведување обука за наставници за училиштата кои се вклучени во проектот Модернизација на образованието, финансиран од Светската банка, од Кралството Холандија и од Владата на Република Македонија. Бирото ќе изработи каталог на обуки кој ќе им биде понуден на училиштата и од кој тие сами ќе изберат обуки коишто им се потребни и за коишто ќе наменат одреден фонд од средствата што им се ставени на располагање во овој проект.

Г.Ш.