Одбележан Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд

На улиците во Македонија има деца од сите возрасти и националности
По повод 12 јуни, Меѓународниот ден против злоупотребата на детскиот труд, Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, годинава потсети дека, и покрај тоа што  Македонија пред шест години ја ратификуваше Конвенцијата против злоупотреба на детскиот труд, состојбата останува алармантна.

„Над 18.000 деца не се вклучени во системот на образование, а најмалку 1.000 деца го поминуваат своето детство на улица. Според Заводот за социјални дејности во Скопје, децата кои се на улица се поделени во неколку групи: деца без родители, деца со еден родител, деца на разведени родители, деца во нарушени семејни односи. Околу 30 % од децата на улица се деца без родители. Децата на улица во Македонија ги има од сите возрасти и националности, 58% од нив се Роми, стои во соопштението на Меѓаши. Исто така се напоменува дека 15,5 % од децата на улица се од предучилишна возраст, 64 % на возраст од 7 до 14 години, 88,5 % манифестираат социјално неприфатливо однесување, а 11,5 %  имаат толерантно социјално однесување. 

Злоупотреба на детскиот труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална сексуална злоупотреба, детска проституција и порнографија, трговија со деца, деца војници, потсетуваат во Меѓаши и напоменуваат дека светот има приближно 246 милиони деца, на возраст од 5 до 17 години, чиј труд се злоупотребува. Од таа бројка околу 186 милиони се деца под 15 години, а членовите на Детската амбасада за поразувачки го сметаат фактот дека мнозинството, односно 110 милиони од нив, се деца под 12 години.

К.Б