Луѓе: Виолета Петровска
Се борам, лобирам, убедувам, стекнувам пријатели-сопатници
Професионално искуство: Дипломиран правник со долгогодишно практично искуство.
Ангажирање во граѓанскиот сектор: Претседателка и основач на организацијата на жените “Кумановка”, која - презема активности со цел унапредување на положбата на жената во правниот систем на РМ, со развивање на граѓанското општество, граѓанската самосвест, човековите права, политичката култура, мултикултурата и родовата еднаквост. Од неодамна координатор на МЖЛ - огранок Куманово но и член е на координативното тело на локалната самоуправа и на бордот на “Женскиот центар - Жена на 21. век”.
Хоби и интерес: Читање стручна литература, патувања во развиени демократски држави.
Најтешка одлука: Дали да помогнам на болниот, сиромашниот, невработениот...
Амбиции: Се залагам за промени, се борам, лобирам, убедувам, се стекнувам со пријатели-сопатници, ги следам реакциите на јавноста и на медиумите и барам нивна постојана поддршка. Гледам како зреат плодовите на моето залагање, се качувам се повисоко, но не сама. Со себе имам голем број луѓе кои гледаат на работите исто како мене, и не само тоа, туку се стремат кон поправедно општество со отворени врати дури и за оние што се наоѓаат некаде на маргините”.
Во слободно време читам: Стручна литература и дневен печат.
Каде оди во слободно време: Немам многу слободно време, но кога ќе ми се укаже прилика, закажувам средби со пријателките на колачи во “Кенди” Куманово.
За време на викенди: Ако немам некоја активност, дома сум со семејството, со сопругот и синовите кои се студенти и на кои им посветувам особено внимание.
Кој национален/локален проблем го смета за особено важен и зошто: Во Република Македонија има многу проблеми, меѓутоа истите нема кој да ги решава. Есенцијални проблеми постојат преку нерешавањето на прашањата на корупција, измама и криминал. Излегува дека ваквите проблеми за одредена категорија луѓе се повеќе испатливи по однос на чесната работа. Тоа што важи за државата во целина, важи за проблеми од локален карактер каде што граѓаните не можат да си ги остварат своите права.
Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто: Глобален проблем постои во невладеење на правото, со што се поткопува демократијата од една страна, а од друга страна го забавува развојот на нашето граѓанско општество. Нарушена е човековата безбедност преку разни форми на тероризам, трговија со луѓе, дрога и оружје, а особено преку корупцијата и големиот прилив на неконтролиран профит од наведените криминални дејствија.
Што би променила во Македонија и во светот: Со ефикасна борба на институциите на системот, треба да се менува моменталното милје, на начин со што ќе се стави крај на тероризмот, трговијата со луѓе, со оружје. Тогаш граѓаните би можеле мирно и спокојно да живеат. По однос на економскиот план на земјата, треба да заживее претприемништвото и стопанството, особено малите и средните претпријатија коишто ќе вработуваат нови работници. Со отворање на нови можности за работа, вработените ќе остваруваат заработувачка за себе и редовно ќе ги иплаќаат придонесите и даноците од плата на државата.
Совет/порака: Доста мудрувања и препукувања, туку потребно е да се работи на претходно укажанато.
Никогаш не би можела да: Никогаш не би можела да го замислам ликот на Платон Каратаев од романот “Војна и мир” на Толстој, кој зборува за среќа и ја квалификува на среќен начин: “Среќа претставува платнена кофа која кога ќе ја спуштиш во бунарот и ќе ја повлечеш нагоре, испаѓа дека е тешко, што значи дека е полна, меѓутоа, кога ќе ја извлечам од бунарот, таа е веќе празна”.
|