Ферид Мухиќ, претседател на Проектот за заедничка визија ПЕВ Македонија

Мирот е реалност, а не можност на овие простори

Градење траен мир и надминување конфли­кти е суштината на вашето истра­жување како дел од Проектот за заед­ничка визија ПЕВ Маке­до­нија “Запис за Маке­донија”. Колку е реално можен мирот на ова тло, ко­га резултатите покажаа по­ла­ризирани ставови на гра­ѓаните, политичарите и прет­ставниците на меѓу­народ­ната заедница, кои, секој на свој начин, ги толкуваа резултатите. Па така, гра­ѓаните ги обвинија поли­ти­чарите за настаните во 2001 го­дина, странците сметаат дека сиромаш­ти­јата довела до влошување на меѓует­ничките односи, додека по­ли­тичарите објаснуваат де­ка се работи за наследени проблеми?

Мирот е реалност, а не можност на овие просто­ри. Мулти­кул­турниот про­с­тор на Македонија не­ма никакви исто­р­иски хипо­теки. Ма­ке­донците и Ал­банците никогаш не војувале во својата милениуми долга историја на за­ед­ничко живеење! Тоа е огромен капитал чијашто вредност се виде особено во 2001-та го­дина, кога наспроти сите насто­јувања на некои од тогаш­ните клучни поли­тички фак­­тори, воору­же­ниот кон­фликт не прерасна во гра­ѓан­ска војна. За споредба, да потсетам, са­мо една од мно­гу­број­ните војни меѓу Ан­гли­чаните и Французите, траела 114 години! А се­пак, и по­крај тоа, би било потполно бес­предметно кога некој би се прашал дали е можен мирот меѓу тие два народи. Како то­гаш не би бил можен ми­­рот меѓу Маке­донците и Ал­банците, два народи кои, под­влекувам, никогаш не воју­вале во целата своја историја!

Аналитички коментар на резултатите од Вашето пра­шање јасно ќе покаже де­ка взамените три перцепции на конфликот, и покрај длабоки разлики, воопшто не се ис­клу­чуваат. За гра­ѓаните, реалноста на взаемната доверба и традицијата на заед­нички живот, јасно посо­чуваат кон пресудната улогата на поли­тичарите во настаните од 2001 година. Нашето истражување, дури ни во раната 2002 го­дина, не кон­ста­тира ниту еден един­­ствен исказ во кој, било Маке­донците, било Ал­бан­ците, сметаат дека тоа бил судир меѓу овие два народи. Посочувањето кон еко­номски­те теш­котии, како плодна подлога за етнички тензии, ис­такнато од претставниците на меѓу­народна заедница, исто така реално држи. И конеч­но, политичарите не грешат кога спо­мнуваат и одредени проблеми насле­дени, додуша, не толку од минатото, колку од фактот што тоа се прекина преку ноќ, а процесот на т.н.р. транзиција носи навистина круп­ни пре­дизвици и закани за секое оп­штес­тво.  

Како може да се толкуваат впечатоците добиени од раз­говорите со над 3.000 испи­таници кои се децидни дека Македонија им при­паѓа на граѓаните и не се задоволни што државата добива дуали­стички, бинационален карактер?   
Има една фина двосмисленост во мож­носта на толкувањето на ваквата формулација. Една варијанта е дека гра­ѓа­ните  не се задоволни од с$ помаркантните знаци дека државата станува бинационална, затоа што са­каат таа да остане еднонационална; втората е дека незадоволството од бинациона­­лниот карактер е израз на желбата да се сочува изворно мулти­етничкиот карактер на општеството. Истра­жу­ва­њето  ја потврдува втората логичка им­пликација, преку неколку дополнителни прашања.

Над 40% од граѓаните имаат став дека територијалната подел­ба би можела да пре­дизвика меѓуетнички судир. Во исто време, странските претставници предупредуваат дека социјалниот бунт се смета за повероја­тен и многу поопасен од меѓу­ет­ничкиот? Според вас, што е поверојатно?

Ние настојувавме веројатноста да ја замениме со егзактноста, поткрепена со емпириска евиденција. Во таа смисла, и кај нашите граѓани, мож­нос­та конфликтот да добие меѓу­етнички карактер, поради  кој било друг фактор, вклучително и територијалната по­дел­ба, е дури на третото мес­то, и тоа дале­ку зад еко­ном­ски­от, по­со­чен уверли­во на прво место. Патем, пред конфрон­та­цијата околу референдумот, ет­ничките тен­­зии беа прак­­тично на последно мес­то на листата “жеш­ки косте­ни” на македонската оп­штес­­т­ве­­на и по­ли­тичка реалност.

Колку влезот во ЕУ и имплементацијата на Рамковниот договор може да ги избават граѓаните од сиромаштијата, за која половина од анкетираните велат дека најмногу може да ја загрози стабилноста на државава?
Реално, не мислам дека стекнување статус членка на ЕУ автоматски ќе значи почеток на изобилството и крај на сиро­маштијата. Ако би го сакала тоа ЕУ, би можела целиот регион да го постави на цврсти економски нозе со едвај 1% од годишниот бруто-производ на оваа моќ­на заедница. Не би било ни добро да се гле­да членството  како на начин некој друг да ги реши нашите тешкотии. Целата идеја со (пре)­дол­­гите листи на прет­ходни услови, во основа е педагошка, за мојот вкус дури и претера­но дидактичка. Но, апсолутно се согла­сувам со кон­цеп­цијата која инсис­тира врз зрелоста и способноста, однос­но интегритетот и капацитетот на секоја држава своите проблеми да ги решава со сопствени сили. Сепак, за одредена поконкрет­на морална поддршка, финансиски изразе­на, веќе одамно има­ше место во агендата на членките на ЕУ со кои овој регион го споделува истиот континент, на кој, во крајна линија, и самото име му го даде (Хомер, Или­јада). Одла­гањето на еден таков енергичен и недвосмислен чекор во поткрепа на мирот остава простор за раз­лични шпекулации во поглед на стра­тешките определби, скри­ени програми, теории на конспирација кои се дел од атмосферата на с$ поголемата недоверба, како интер­ет­ничка, така и интра­ет­ничка, односно, на ли­нија локални/меѓународни фактори. Затоа не треба да изненадува што во анкетата на ТВ А1 дури 80% граѓани сметаат дека странците н$ заплашуваат, дури и во ситуација во која, објективно, само посо­чуваат, и тоа како потписници и гаранти на Охридската рамковна спогодба, значи, сосема легитимно, кон ефектите од евентуалниот “успешен” референдум.

Судејќи според истражувањето, граѓаните не веруваат во институциите на системот и ги обвинуваат политичарите и судиите дека се корумпирани. Кој е “лекот” за да се подобри ваквата слика на народот за државата?
Најнапред, точно е дека не само што е доми­натна недовербата во институциите, и во практично се оп­штата ко­­руп­ци­ја на сите ни­воа кај нас, туку во овој поглед ста­вовите на си­те етнички заед­ници, прак­тично коинцидираат. При тоа, една од глав­ните при­чи­ни за оваа теш­ка состој­ба гра­ѓа­ните ја гледаат во с$ поприсутната партизација. Спо­ред тоа, првиот лек би морал да биде тотална и сис­те­мат­ска департизација во кадров­ските ре­ше­нија, особено оние клуч­ните. Ина­­ку, сосема кон­кретно, народот ќе ја подобри својата слика за др­жавата кога држ­а­вата на­вис­тина ќе ста­не подобра. До­то­гаш, револтот ќе се сме­нува со мелан­хо­лијата, гневот со резиг­нацијата.

Сосема на крајот, сме­там дека е неопходно да под­вле­чам дека три­годиш­ните истра­жувања на ПЕВ Македонија детек­тираа и огромна позитивна енергија присутна во сите региони, сите етнички заедници и сите социјални стратуми на македонското општество. Таа е тука, иако засега латентна, неорганизирана, взаемно неповрзана. Лис­тата на препораките, со која резултира истражувањето, ка­ко и веќе создадената мре­жа со­ра­ботници и пријатели на ПЕВ Маке­донија, охрабруваат во овој поглед и јасно сугерираат дека конципирањето на заед­нич­ката ви­зија е потфат за кој е дорасната силата на маке­дон­ското оп­штес­тво.