Вангел Спироски
Никогаш не премолчувајте ако сте оштетени во остварувањето на своите права
Професионално искуство: Апсолвент на ФТУ - Охрид, комерцијалист во “АМАК СП” А.Д. - Охрид.
Ангажирање во граѓанскиот сектор: Активно ангажиран во афирмирањето на правната регулатива за заштита на граѓаните како потрошувачи, еден од иницијаторите за отворање на Советодавното биро на Организацијата на потрошувачите на Македонија во Охрид во 2001 година. Моментално координатор на Советодавното биро.
Хоби и интереси: Стрелаштво - активно се занимавам со спортско стрелање со малокалибарска пушка, боречки вештини - карате, аикидо.
Најтешка одлука: Јас не сум од онаа категорија луѓе кои брзо донесуваат каква било одлука, а потоа се доведуваат во состојба брзо да го менат мислењето. Се водам, едноставно, според она народното “два пати мери еднаш сечи”. Затоа и не се доведувам во онаа исконска дилема “Ако одлучиш вака, ќе се каеш, а ако одлучиш поинаку, повторно ќе се каеш”.
Амбиции: Моите амбиции се насочени кон стручно усовршување и примена во мојата работа на моделите и методите кои ги познава современиот свет, а кои за жал, кај нас, ние младите ги осознаваме тогаш кога истите тие ќе излезат од “мода”.
Во слободно време чита: Претежно во слободно време читам белетристика од мојот стручен ангажман, економска литература, фељтони и мемоарска литература.
Каде оди во слободно време: Слободното време - кога не го користам за читање и спортување, го посветувам за средби со пријателите, кино-проекции, а бидејќи во Охрид забавниот живот е поинтензивен во летниот период - особено внимание посветувам на фестивалските приредби на “Охридско лето”.
За време на викенди: Дел од викендите сакам да ги користам за препуштање на себеси. Одам во разгледување на пошироката околина на Охрид или Струга, додека во зимскиот период го посетувам ски-центарот во Маврово.
Кој национален/локален проблем го смета за особено важен и зошто: Од националните проблеми кои за жал ги имаме многу, приоритетот за мене се: разрешување на проблемот со името, оддалеченоста од т.н. шенген-зона, односно затвореноста на границите и неприфатливиот визен режим, нефункционирањето на правната држава, пропаѓањето на некои мерки за заживување на стопанството, неконзистентната економска политика којашто треба да обезбеди развој на државата, големата невработеност и сиромаштијата. Сметам дека со решавање на економските состојби ќе се создаде амбиент за разрешување и на другите прашања.
Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто: Непочитувањето на човековите права, воените закани и воените судири, тероризмот, трговијата со луѓе и ширењето на наркоманијата. Сите овие проблеми се опасност за развој на цивилизацијата и од своја страна значат вистинска кочница за рамномерен развој на сите земји и народи.
Што би променил во Македонија и во светот: Кога би бил во можност, би настојувал во нашата земја да ја зајакнам самодовербата кај нашите луѓе. Сметам дека неправилно, заради многу неповолности, често пати се потценуваме и себеси како граѓани, а и нашата земја како држава. Во светот би сакал да можам да ја променам се уште присутната одвоеност, недовербата и да го надминам расчекорот меѓу крајно сиромашните и крајно богатите земји.
Совет/порака: Во одговор на ова прашање би се послужил со мотото на асоцијацијата ОПМ во која посебно сум ангажиран во слободно време: “Никогаш не премолчувајте ако сте оштетени во остварувањето на своите права”. Тие права ви се дадени вам затоа што се универзални и треба да уживате во нив, без оглед дали се: во доменот на купопродажните односи и услугите и со еден збор потрошувачки права или како права кои ви припаѓаат како на индивидуа.
Никогаш не би можел да: Нанесам штета или зло на недолжни и на луѓе кои не заслужуваат да им се возврати со такво нешто. Впрочем, јас и не можам да мислам лошо за некого. Таков сум!
|