Концепти
Мотивација на волонтери
Зошто сум волонтер? На ова прашање, еден волонтер во противпожарно здружение одговорил: „Не затоа што се осмелувам да влезам во зградата што гори, туку затоа што се грижам за луѓето. Да им се помогне на луѓето е она за што сум роден. Затоа сум волонтер. Можеш да имаш 25 години, нетрпелив и подготвен за работа, или да имаш 60 години, со целото искуство зад себе и се уште да бидеш активен. Волонтерот може да биде маж или жена, со крупна или ситна градба, продавач или механичар, домаќинка или сопруг, татко или мајка, но секогаш ќе биде овде кога има потреба од тоа.“
Да се разбере зошто волонтерот прифатил да работи во одредена организација и што мисли и чувствува за неговото ангажирање - е појдовната точка во мотивацијата на волонтерот. Мотивите да се биде волонтер се различни: алтруизам, желбата да им се помогне на другите, вербата во одредена кауза, желбата да се биде корисен, искусување различни животни стилови, збогатување на биографијата, исполнување на слободното време, себеисполнување, можност за изразување на креативноста, учење нови вештини, исполнување на слободното време и уште многу други причини зошто една личност се одлучила да ги вложи своето време и искуство, знаењето и капацитетите во една непрофитна организација. Мотивацијата и на платениот персонал во организацијата не е едноставна работа, а уште потешко и поспецифично е да се мотивираат волонтерите.
Како можат да се мотивираат волонтерите? Во невладините организации во Македонија, каде најголем број од ангажираните лица се волонтери, многу малку се води сметка за мотивацијата. Главна грижа на раководството на организациите не се луѓето со кои работат, туку преживувањето на организацијата. Но, организацијата ја чинат луѓето со нивните вредности, знаења, капацитети, желба за работа. Грижата за нив треба да биде императив на секој раководител. Мотивацијата и задржувањето на волонтерите во организацијата секогаш одат заедно. Ако волонтерите имаат работа којашто ги исполнува, одговара на нивните моментални потреби и го јакне чувството на припадност, тие ќе останат да работат во организацијата вложувајќи максимум енергија и креативност. Многу волонтери доаѓаат во организацијата заради своите определби за остварување одредена цел. Со текот на времето интензититот на нивната посветеност може да опадне, но тоа не мора да значи дека тие станале помалку добри. Раководителите често од волонтерите очекуваат потполна беспрекорност во извршување на работите, креативност и динамичност, а неретко изразуваат презир кон волонтерите кога ќе се покрене прашањето за наградување. Нереално е да се очекува од луѓето дека ќе сакаат да работат без да бидат наградени. Нема ништо лошо ако волонтерите сакаат да имаат корист од својата работа. Иако волонтерите не добиваат плата за својата работа, тоа не значи и дека тие не треба да добијат надомест за својата работа и време.
Што очекуваат волонтерите како надомест за својата работа?
- можност за успех (напредување во кариерата)
- признание (пофалба, респект за завршената работа, признание во средината)
- личен напредок (стекнување нови знаења и вештини, дополнување на биографијата)
- економски придобивки (материјална награда, хонорар)
- добри работни услови (користење современа техничка опрема)
Што може да направи раководителот на една организација за да ги мотивира волонтерите? Во наши услови, кога речиси секое здружение се соочува со хроничен недостаток на финансиски средства, наградувањето на активистите кои најчесто се волонтери е доста тешко. Ова важи уште повеќе ако се има предвид и социоекономската состојба во Македонија. Голем број високообразувани лица, без редовна работа, се вклучуваат во здруженијата за да бидат корисни за заедницата, но и со надеж дека ќе добијат надокнада за вложениот труд. Кога раководителот во организацијата ќе се соочи со очекувањата на волонтерот, тој треба веднаш да реагира, односно да изнајде начин со што ќе го задржи и понатаму да го поттикне волонтерот да работи во организацијата. Начините за мотивацијата на волонтерите се одредуваат според основните мотиви за нивното ангажирање во организацијата. Треба да се има предвид дека тоа е динамична категорија, односно она што ја мотивирало личноста во еден момент, не значи дека е доволна мотивација по извесно време. Иако не постои универзален начин за мотивирање волонтери, сепак се препорачуваат неколку општи мотивациски принципи што се пошироко прифатени од професионалците кои работат со волонтери:
- еднаквост со другиот персонал во организацијата (се создава фер атмосфера на рамноправност со другиот персонал); - изразување признание и почит (организирање заедничка свеченост каде се доделуваат награди и признанија, формални и неформални пофалби во текот на работењето); - можност за личен напредок (учество на обука за разни вештини и знаења интересни за волонтерот, користење современа техничка опрема за работа, учество во значајни проекти); - споделување информации и редовен повратен резултат (фидбек - отворен разговор за сите прашања, па и за личните интереси на волонтерот, јасно изразување на очекувањата и резултатите од работата).
Во волонтерите треба да се инвестира. Таа инвестиција секогаш се исплатува. Затоа, основното мото кое треба да ве води во работата, без разлика дал сте волонтер или професионалец, е: “Успехот е најдоброто средство за мотивација”.
Лилјана Алчева-Јовановска
|