Крај на почетокот

Тоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.

„Граѓански свет” е издание на МЦМС кое за првпат беше издадено во 2001 година. Во изминатите седум години, издадени се 81 број. „Граѓански свет”  беше и е списание за граѓанското општество во Македонија. „Граѓански свет” не беше само одраз на граѓанското општество, туку активен чинител, кој анализираше, иновираше, промовираше промени.

Граѓански свет помогна граѓанското општество да дојде до овој момент. Момент на голема промена. Моделот на развој и раст на граѓанското општество во Македонија во периодот на транзиција беше заснован на странски извори на финансирање. Тој модел заврши. Заврши бидејќи Македонија можеби не е во Европската унија, но тоа е релативно извесно. Новиот модел заснован на диверзифицирана поддршка со економски активности, добротворни прилози и домашни корпоративни донации, сеуште не е воспоставен.

Граѓанското општество мора да се прилагоди на новата состојба. МЦМС мора да се прилагоди. „Граѓански свет” мора да се прилагоди. Затоа е ова последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма. По овој број ќе продолжи да работи www.graganskisvet.org.mk . По овој број МЦМС ќе го бара новиот концепт на „Граѓански свет” за новата состојба и време.

Затоа сум сигурен дека последниот број на „Граѓански свет” не е почеток на крајот, туку крај на почетокот.

Довидување до новиот „Граѓански свет”.

 
Сашо Клековски
Главен и одговорен уредник