КОНФЕРЕНЦИЈА
Жените на 21 век
Сопругите на претседателите на државите, на владите и на парламентите од државите на Југоисточна Европа, на конференцијата во Охрид ќе работат заедно со претставничките на здруженијата на граѓани и жени-лидерки на основната тема – Улогата на жените во развојот на демократските процеси во регионот
Под покровителство на сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Вилма Трајковска, во соработка со невладиниот сектор, Република Македонија е домаќин на Втората конференција на жени-лидерки од Југоисточна Европа, „Жените на 21 век”, под наслов „Улогата на жените во развојот на демократските процеси во Југоисточна Европа”. Конференцијата ќе се одржи од 11 до 13 мај во Охрид, а на неа ќе учествуваат сопругите на претседателите на пет држави од регионот, како и стотина претставнички од женски невладини организации и жени-лидерки. На конференцијата ќе учествуваат и сопруги на претседатели на влади и на парламенти од регионот.
Според начинот на работа кој се спроведуваше и на Првата конференција „Жените на 21 век” во Софија во 1998 година, и на оваа конференција ќе се работи на две нивоа – првите дами од државите од регионот ќе учествуваат во двете пленарни сесии, а претставничките од невладиниот сектор и жените-лидерки ќе учествуваат и во работните групи. Заклучоците од работните групи ќе се верификуваат и со потписите на првите дами. Во Софија беше формирана мрежата на жени-лидерки од Југоисточна Европа – СЕЕЛИДА која функционира помеѓу двете конференции, спроведувајќи регионални проекти за подобрување на полжбата на жената во општеството.
Дискусиите на Конференцијата ќе се одвиваат во четири работни групи, на темите: „Економски и социјален развој”, „Човекови права - женски права”, „Граѓанско општество” и „Жените во процесот на одлучување”.
Целите на оваа конференција се продолжување на процесот на заедничка заложба на жените-лидерки за одржлив развој на регионот; придонес кон унапредување на соработката и развивање партнерство меѓу жените- лидерки и придонес кон активирање и мобилизирање на граѓанските иницијативи во регионот.
Конференцијата има задача да развие мрежа на соработка на жените од различни области (политика, економија, граѓанско општество, застапување и лобирање, здравство, медиуми), да обезбеди форум за размена на идеи и искуства, да ја промовира моќта на непартиското (неполитичко) ниво на комуникација, да се надминат предрасудите и да се развива соработка меѓу народите од Југоисточна Европа.
|