ПРОГРАМА ЖИВО НАСЛЕДСТВО
Занаетчиите работат со уметници
Ковачите од Берово, ткајачките од беровското село Русиново и грнчарите од Вранештица го збогатија асортиманот на своите производи и му додадоа уметничка нишка – тие се поврзаа со уметничките Славица Јанешлиева и Дијана Томиќ-Радевска, по чиј дизајн изработуваат предмети во традиционален занаетчиски стил. Спојот на древните вештини и на уметничкиот дух, се надеваат и занаетчиите и уметничките, ќе му дадат нова димензија на традиционалното производство кај нас и ќе продуцираат атрактивни предмети и сувенири што ќе сведочат за културното наследство од Македонија. Занаетчиските производи со уметнички потпис ќе можат наскоро да се најдат во ателјеата на двете уметнички, како и во продажните места во Скопје и други локации. Дел од овие производи беа претставени и на неодамна одржаниот Саем на живото наследство во Скопје.
Проектите во трите споменати заедници се дел од програмата „Живо наследство” која во Македонија ја спроведува и финансира Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Во рамките на програмата, формирана е мрежа на 30-тина проекти кои се спроведени или се во тек на спроведување во Македонија.
М.И.
|