Извештај од СОС-телефонот на „Меѓаши“

Насилството врз децата постојано расте

Насилството врз децата во семејството, на училиште, на улица, постојано расте, велат податоците од работата на СОС-телефонот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши - 0800-12222. На него секојдневно работи тим од волонтери, психолози, педагози и социјални работници. Телефонот функционира веќе 13 години, а од мај мината година, благодарение на соработката на Амбасадата со Македонски телекомуникации, тој е и бесплатен. Најчести соговорници се деца и млади, особено женски, а мотивот за јавување во 18,5 проценти од случаите се злоупотреба и насилство од секаков вид: физичко, психичко и сексуално. Голем процент од младите, 16,2 се јавуваат заради меѓуполови односи, 10,3 заради проблеми со психоцосијалното, менталното и физичкото здравје, а 9,2 заради проблеми во семејните односи.

Се јавиле 592 женски и 320 машки лица, а најмногу јавувања имало од Скопје 63,5 %, од Прилеп 15,6 %, од Битола 12,5 % и од Охрид 2 %.

Годинава во извештајот за работењето на СОС-линијата е воведена и графата комерцијална експлоатација, проституција, педофилија и питање, каде се забележани 3,8 % од јавувањата или 35 повици.

Досега на СОС-телефонот на “Меѓаши” се јавиле преку 15.000 деца и млади. Бесплатниот СОС-телефон е отворен секој работен ден од 8 до 20:30 часот.  Годинава во рамките на “Меѓаши” почна да функционира и психолошко советувалиште секој ден од 16:30 до 20:30 часот каде младите можат во директен контакт со психолог да разговараат за своите проблеми.