ПИСМА    
 

Писма од читателите
 

Невладините организации - поддршка на граѓаните

Во обид да ги зачуваат своите заедници, жителите на селата Орман и Волково се организираа да ја спречат изградбата на автопатот околу Скопје (Обиколница околу Скопје) бидејќи истиот треба да минува низ атарите на двете села и е потенцијална опасност за животите на населението во селата.

Проектот „Обиколница на Скопје” како идеја датира уште од 60-тите години и во урбанистичкиот план на градот е присутен уште одамна. Сепак, идејата да се растовари градот од тешкиот сообраќај и од загадувањето, од бучавата и од метежот што тој ги создава и да се изгради автопат кој ќе го овозможи сето тоа, наиде на многу проблеми.

Населението уште во 2001 година побарало од Фондот за магистрални и регионални патишта да се изврши преместување на патот од следните причини: автопатот е проектиран да минува многу блиску до резервоарот за вода за пиење и постои голема можност истиот да напукне или да биде загаден при изградбата или после тоа; автопатот ќе минува низ црковен имот и гробиштата во Волково, осквернувајќи го имотот и попречувајќи во вршењето на црковните церемонии и треби; автопатот ќе одземе големи површини плодно земјиште кое претставува главен извор за егзистенција за локалното население.

Здружението на граѓани Проактива активно го следеше развојот на проектот и уште од почетокот стои на страната на жителите на двете села, потполно поддржувајќи ги нив и нивните барања. Во текот од пет месеци, националниот координатор за CEE Bankwatch Network, Ана Чоловиќ, член на Проактива, активно лобираше кај Европската банка за обнова и развој бидејќи оваа финансиска институција планира да додели кредит во висина од околу 20 милиони евра за проектот. Овој кредит кој го доделува банката на Македонија ќе се отплаќа во текот на следните десетина години од страна на секој граѓанин на државата преку плаќањето на различните даноци. Токму тоа им го дава правото на граѓаните на Македонија да се спротивстават на еден ваков проект како Обиколницата на Скопје од причини што истиот им ги загрозува животите.

Како резултат на повеќемесечното лобирање, Европската банка за обнова и развој во моментот овозможува независен консултант да го разгледа проектот и неговите ризични и чувствителни точки со цел да се увиди можноста проектот да се модифицира според барањата на населението. Консултантот ќе го даде своето мислење околу средината на јули.

Очигледно е дека во вакви случаи населението има потреба од помош од страна на здруженија и невладини организации кои можат да помогнат и да понудат поддршка. Затоа и важноста и улогата на здруженијата и организациите се од голема важност. Невладините организации не го претставуваат народот, туку се неговиот глас кој во секое општество мора да се слуша и да се почитува.

Проактива