Проф. д-р Милева-Ѓуровска, Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје
Женската работна сила е слабо синдикално организирана
Во фокусот на вашиот интерес како професор по социологија на трудот е и женскиот труд. На работилница, организирана од Центарот за изведувачки уметности „Мултимедија”, ги презентиравте вашите размислувања за жената и нејзиното учество во светот на економијата. Каде се наоѓа денес женскиот труд во рамките на економскиот систем, во светот и во Македонија.
Речиси низ целата историја на човештвото жените работеле и на нив се гледало како на значајна и неопходна работна сила за опстанокот. Но, трудот што го вложувале тие добивал мало признание од општеството.
Заради природата на жената, се креирале многу стереотпи кои го лишиле другиот родител од биолошката и емотивната врска со дететото, а жената ја затвориле во сферата на приватниот живот, извршувајќи работи кои ниту мажот ниту општеството не ги признавале како значајни. Во името на својата природа жената морала да го носи целиот товар на репродукцијата на човештвото, да ги поднесува тежините на егзистенцијата за која исцрпувачки се борела, а притоа да не добие никакво задоволство.
Оваа слика значајно се менува во периодот на индустриската револуција кога им е дадена можност на жените за вклучување во сферата на општествено признатиот и економски валоризираниот труд. За капиталистите било многу значајно да ги намалат трошоците за работна сила. Затоа тие ги отвориле вратите на фабриките за жените и за децата кои биле неколкупати помалку плаќани од мажите. Жените биле третирани исто како и децата, вршеле помошни неквалификувани работи. Мажите ги извршувале квалификуваните работи и добивале повисоки плати. Иако ова се инсерти од историјата, сепак и денес состојбата на женскиот труд во доменот на јавната сфера не е суштински изменета. Податоците говорат дека во земјите членки на ЕУ жените во просек заработуваат помалку за 28% од нивните машки колеги. Тоа се должи на фактот што жените главно извршуваат занимања кои се слабо платени. Аналитичарите сметаат дека во секое занимање во кое ќе дојдат многу жени, тоа економски се девалвира. Така, тоа било во почетокот со учителите и секретарите. Тоа биле угледни и добро платени занимања, а подоцна, кога овие занимања ќе станат типично женски, нивниот стаус се менува, а платите се намалуваат. Од друга страна, под влијание на традицијата, жените самите се определуваат за женските занимања за да можат подобро да ги ускладат своите улоги како мајки, сопруги и домаќинки со професионалните улоги. Тоа говори дека денес, и покрај тоа што жените имаат многу полесен пристап кон сите професии и занимања, сепак се забележува дејствувањето на законот на природната поделба на улогите, дури и во светот на професиите. Така, негата, образованието, конфекцијата, воспитанието, хигиената и слично се се уште типично женски занимања бидејќи главно се извршувани од страна на жените. Можеби и мажите би ги извршувале нив, но проблемот е во тоа што се тие многу слабо платени, тука не постојат големи можности за градење кариера и имаат многу низок углед во општеството.
Кои се клучните точки каде треба да се интервенира за да се постигне еднаквиот третман на женскиот труд и да се надмине дискриминацијата? Денес водечка идеја преку која се настојува да се елиминира дискриминацијата во сите полиња, вклучувајќи ја и дискриминицијата според припадноста на полот, претставува идејата за еднакви шанси за сите, т.е. еднакви можности за мажите и за жените. Тоа значи еднаков пристап на мажите и на жените кон сите образовни институции на сите нивоа, еднакви шанси да се стекнат со која било професија или со кое било занимање, еднаков пристап спрема политиката и сл. Им се препорачува на владите да вршат афирмација на овие приципи кои главно почиваат врз конвенциите за правата и слободите на граѓаните. Значи, борбата против дискриминацијата главно се одвива на полето на легислативата и од формален карактер. Меѓутоа, оваа еднаквост пред законите не дава сигурна гаранција дека тие права ќе бидат почитувани и реализирани. Меѓународните институции, меѓу кои посебно инситуциите на Европската Унија, вршат притисок врз владите да ги преточат во закони
многуте конвенции, стратегии и препораки. На некои полиња, особено во земјите членки на Унијата, постигнати се значајни придобивки. На пример, за да се оствари принципот на еднакви можности за вработување за жените, неопходно е да постои закон со кој ќе им се гарантира правото за мајчинско отсуство, т.е. родителско отсуство. Но, и тоа не доволно ако не постојат и други институционални предуслови со кои ќе се ускладат семејните и професионалните улоги (поволни детски градинки, флексибилно работно време). За какви можности ќе зборуваме ако жената нема кому да му го довери своето дете, ако детските градинки чинат половина од нејзината плата и не работат попладне. Во секој случај, не може да се остане само на планот на идејата за формалните права, иако тие се многу значајни.
Си ги знаат ли жените своите права како вработени лица, не само во индустријата, туку и во другите сфери? Во Македонија работниците не ги познаваат работничките права. Мал број меѓународни конвенции се преведени на македонски јазик. Женската работна сила е многу слабо синдикално организирана, така што не постојат институции кои систематски ќе работат на планот на афирмацијата на женските права и слободи. Со оглед на почитувањето на правата и слободите на работниците, како да сме на почетокот од 19. век.
Сепак, еден од најзначајните фактори во борбата против грубата дискриминација на жените претставува вработувањето на жените. Вработеноста не значи само плата која дава чувство на независност и слобода во одлуките, туку и еден од најсигурните начини за партиципација во општеството. Меѓутоа, жените во Македонија и во минатиот систем имаа можности за вработување, многу од нив заработуваа доволно, имаше многу поволни детски градинки, но сепак тоа не ја укина дискриминацијата.
Тоа говори дека не е доволно само вработувањето и високата плата. Значајни се секако правата и слободите кои треба систематски да се практикуваат, но пред сe овде е посебно значајно надминувањето на традицијата во која мажот се чувствува дома како гостин.
Задоволни ли сте од досегашниот третман на одредени теми поврзани со жената во областа на економијата, образованието, културата, здравството? Темата во која се третира положбата на жената е речиси нова во општествените науки. Во овој домен најбројни се феминистичките студии кои главно го третираат проблемот на жените, т.е. потчинетоста на жената. Научниот пристап или социолошкиот пристап кој се применува овде е поразличен. Меѓу мажите и жените во текот на историјата се изградиле многу различни релации од општествен карактер. Многу е значаен интегралниот пристап, т.е. конкретното согледување на општествените услови кои не влијаеле само врз положбата на жената, туку врз односите меѓу обата пола. На пример, религијата, средствата за работа, политичкото уредување и културата.
Нема општествена заедница во која религијата ќе прокламира еднакви можности за мажите и за жените, а културата или економскиот поредок ќе ги ускратува нив, и спротивно, економскиот и правниот поредок да одобруваат, а религијата да ги ускратува. Сите нешта се меѓусебно поврзани. Секоја конкретна средина има свои специфичности и не може да се зборува за некој универзален лек. Затоа е потребно добро да се познаваат условите во средината.
Во Македонија недостасува литература за студирање на овие прашања. Минатата година за првпат на постдипломските студии во можностите на Институтот за социологија меѓу изборните курсеви беше и курсот насловен како „Социологија на односите меѓу половите”. Речиси сите студенти се определија за овој курс. Се забележа дека студентите покажуваат голем интерес кон ова подрачје. Се чини дека овој проблем, кој е познат како родови студии, станува популарен и кај нас. Кон ова придонесуваат и грантовите кои овозможуваат реализација на проекти. Но, не е претерано ако се каже дека интересот е еден вид мода. Студирајќи го ова подрачје, забележавме дека литературата на македонски јазик е многу оскудна, а преводите што се направени не го задоволуваат научниот пристап. Кај нас сe уште не постои една специјализирана институција која ќе ја даде посакуваната систематичност на планот на препораките, на планот на истражувањата, но и на планот на практичното дејствување.
Како гледате на третманот на овие прашања од страна на граѓанските организации? Постојат многу граѓански женски организации, како и нивни ограноци низ цела Македонија. Тие се различни по својата природа. Често на медиумите можеме да видиме што прават некои ГО. Се чини дека постои голема парцијализираност во нивното дејствување кое е одредено со видот на грантовите што ги добиваат за своите активности. Активноста престанува кога ќе заврши грантот. Посериозни претставувања, во смисла на организирање конференции, дебати за одредени теми, давање мислења за одредени случувања, не се забележени во јавноста.
Се чини дека женските организации сe уште како да дејствуваат во лимитираното подрачје кое традиционално општеството го одредило за нив (натпревари во кулинарски вештини и други домаќински вештини).
На пример, не сум слушнала ниедна женска организација да го постави прашањето за положбата на работничките во текстилната индустрија кои работат за многу ниски плати и во многу тешки организациски услови, да се афирмираат јавно принципите за еднаквите можности или да се афирмираат конвенциите за борба против дискриминацијата.
Што недостига за да се направи делотворна стратегија на ова поле? Мора да бидеме свесни дека и најсовршената и најдеталната стратегија нема да даде брз резултат. Постојат неколку значајни процеси кои можат видно да ја изменат положбата на жената: економско активирање на женската популација, и тоа од сите етнички групи кои живеат тука. На пример, само 11% од жените Албанки фигурираат како работноспособна сила на пазарот на трудот. Тоа се однесува и за Македонките чија активност е поголема (49%), но сепак недоволна во споредба со ЕУ (61%).
Недостига афирмација и практикување на социјалните права на жените, намалување на објективната дискриминација, воведување мерки за борба против субјективната дискриминација, т.е. создавање услови за еднакви шанси во политичкото дејствување, во извршувањето значајни и добро платени работни места, можности за постојано и стручно образование. Недостига споделена грижа за репродукција на новите мали членови на заедницата, т.е. афирмирање на функционалното родителство на обата родитела.
|