Џорџ Сорос е „ифрит лут“

Сорос направи милијарди предвидувајќи „финансиски крахови“ - сега мисли дека Буш создава еден


Џорџ Сорос не поседува приватен авион, ниту остров на Карибите, ниту јахта, ниту ранч на западот, ниту пак колекција уметнички дела од старите мајстори. Кога патува во Будимпешта, градот во кој е роден и во кој ја преживеа окупацијата од нацистите, тој престојува во еден нелуксузен хотел кој е сместен среде убав парк, каде тој со задоволство оди на прошетки. Кога оди во обиколка на својата меѓународна филантропска империја, тој патува сам, бидејќи неговата сопруга преферира да остане во Соединетите Држави. Кога стапнува на сцена во Европа, го заслепуваат светлата од многуте фотоапарати кои од публиката, но надвор од сцената, Сорос чека на ред во барот за чаша кампари, како и сите останати, делувајќи дури и малку изгубено. Тој по природа е затворен, а тоа некако го нагласува и неговиот прецизен цен­трално-европски нагласок. Во јавноста, тој може да делува сам, дури осамен, човек кој по се’ се нашол во ситуација да живее јавен живот.


Неговото однесување го прикрива неговото вли­ја­ние. Џорџ Сорос е еден од најуспешните инвеститори на сите времиња. Дури и сега, иако управува со многу малку, речиси воопшто пари, освен своите, тој може да помести цели пазари со едно десетминутно појавување на кабелска телевизија. Клеветниците го обвинуваат за дестабилизирање на светските валути и уништување на економиите на цели нации. Тој оспорува обвинување од Француската влада за привилегирано тргување. Има добиено премногу хуманитарни награди за да можат да се избројат.

Сорос отсекогаш бил поларизирачка фигура, а во наредните неколку месеци тој сигурно ќе стане уште поголема, особено во САД, каде неговото име никогаш ја немало онаа тотемска моќ која ја има во Европа. На 73-годишна возраст, Џорџ Сорос пронајде нова цел: тој се стави во улога на жесток и лут критичар на Бушовата администрација и американската политика. На неколку наврати, преку градското собрание во Сиетл, Универзитетот за меѓународни односи во Балтимор, Светскиот економоски форум во Атина, Сорос со драматични политички говори аргументира дека САД во моментот се соочуваат со криза. Тој е убеден дека американската влада, и дома и во странство, ги става во опасност вредностите на отвореноста и демо­кратијата во потрага по некакви “невидливи непријатели”. Сорос, кој внимателно ја набљудува меѓународната политичка сцена и е во контакт со личности како шефот на ОН, Кофи Анан, или пак бразилскиот претседател Луи Лула да Силва, па се’ до “еминенцијата” на Бушовата надворешна политика, Пол Волфович, го напаѓа Буш на најдиректен и драматичен начин.

„Јас ја преживеав и германската и советската окупација“, ми кажа Сорос додека шетавме низ еден парк во Будимпешта. „Кога го чув претседателот Буш, како вели дека оние кои не се со нас се против нас, го чув знакот за предупредување“. Тој ги нарекува говорите на Буш, „орвелски“ и ја споредува неговата визија за меѓународната демократија - „Ќе бидете слободни се’ додека го правите она што ви кажуваме да го правите“ - со советската реторика за „демократијата на народот“.

Сорос тукушто даде 10 милиони долари сопствени пари во обид да ја здобие поддршката на демо­кратите во клучните држави, моментално станувајќи еден од најголемите индивидуални донатори во изборната трка наредната година. Во септември, тој основа фонд за поранешниот гувернер за Вермонт, Хауард Дин. И по години пишување умерени, внимателно аргументирани и не многу влијателни трактати за меѓународната економија, тој е речиси подготвен да објави едно сосема поинакво дело, книга која треба да се вика „Балонот на амери­канската надмоќност“ (The Bubble of American Supremacy). Таа претсавува еден невоздржан напад на она што тој го гледа како надменост на американската политика. „Дојдов до заклучокот, кажа Сорос за Форчун, дека може да се стори многу повеќе за проблемите за кои се грижам, ако се смени власта, отколку со обидите да се афирмираат проблемите“. Накратко, тој стана најлутиот милијардер на светот.

Би било благо ако акцијата на Сорос ја наречеме „дебата во врска со местото на Америка во светот“. Поедноставно ќе биде ако ја наречеме борба против администрацијата на Буш. „Порано се согласував со она за кое се залагаше оваа земја“, вели Сорос. Но откако Бушовата администрација дојде на власт и по начинот на кој ги искористи нападите од 11 септември, се чувствувам многу непријатно поради насоката по која САД го поведе светот и тоа за мене не претсавува бизнис, како обично.

Минатото лето, Сорос, заедно со уште неколку врвни демократски политички стратези, се собраа во неговата куќа на Лонг Ајленд, за да најдат решение како да го симнат Буш од власта, со помош на неколку највлијателни основачи на фондови и консултанти од Демократската партија. Во август, тој се согласи да предводи неколку значајни донатори, со цел да се соберат 75 милиони долари за поттикнување на сеопфатен гласачки одѕив во 17 клучни држави. Фондацијата која го носи името „America Coming Together“ ја водат врвни основачи на фондови, како Стив Розентал и Елен Малколм. Со оглед на рестрикциите во однос на финан­сирањето на кампањите, Сорос се преобразува во круцијален играч во т.н. донации на „меки неполитички пари“, кои демократите се надеваат дека ќе бидат противтеза на моќната Бушова донаторска машинерија за изборите во 2004 година.

Луѓето кои ја договараа политиката со Сорос, ги држат во тајност овие средби. Марк Штајц, политички консултант, вели Сорос, „му пристапи на ова како бизнисмен кој влегува во некоја нова зделка“. Розентал, поранешниот политички и финансиски гуру на „АФЛ-ЦИО“, вели дека за Сорос „тоа претставуваше повеќе сесија на која тој слушаше и апсор­би­раше. Тој не е човек кој мисли дека е неопходно да се коментира се’“. Но, ако е подготвен да слу­ша, кога станува збор за изборна тактика, Сорос има неколку конечни идеи во врска со поши­рокиот план за работа. Тој е убеден дека преку спротивставувањето на мултинационализмот, Бушовата адми­нистра­ција го изгубила својот надворешен кредибилитет со кој се стекна по 11 септември. Откако придонесе многу повеќе од кој било друг поединец во изградбата на демократиите на источноевропските земји по падот на комунизмот, Сорос сега ја застапува „својата доктрина“ во која САД би се поврзала со Обединатите нации и други мулти­латерални групи за рана и мирна интер­венција во земјите кои се соочуваат со можноста за социјален крах. Тој исто така има и национална програма. И покрај тоа што ја призна својата аверзија за финансирање на владата, Сорос се застапува за поагресивно оданочување - повисоки даноци за богатите, вклучувајќи враќање на данокот на имот (идеја која самиот Сорос би го чинела милијарди долари, иако постхумно). Сорос верува дека дефицитот на Бушовата администрација ќе задуши какво било економско опоравување. Го разбеснува кога гледа дека истата таа администраија ги загрозува граѓанските слободи гарантирани со Патриотскиот член, а на пошироката домашна војна против тероризмот гледа како на подмолна закана кон она што тој го нарекува отворено општество. Сорос мисли дека ако САД не ја сменат својата перспектива, во домашни и во светски рамки, земјата ќе биде во голема опасност.

Извор: 9/27 Fortune Magazine profile 

Продолжува во наредниот број