истражување
Добротворство
Граѓански свет во бројот 64 ја започна презентацијата на делови од публикацијата Довербата, одговорноста за општествените прашања и добротворството во Македонија што ја издаде Македонскиот центар за меѓународна соработка. Публикацијата е всушност извештај направен на основа две анкети и резултатите од четири фокус групи. Анкетите и фокус групите ги спроведе Институтот за социолошки и политичко правни истражувања. Публикацијата во пдф формат е достапна на www.mcms.org.mk.
Вовед
Добар дел од граѓанските организации го сметаат добротворството за излез од сегашната ситуација предизвикана од заминувањето на голем број донатори од Македонија. Во нивните перспективи, добротворството е излез за нивните полупразни буџети. Затоа МЦМС сакаше да ја провери фактичката состојба. Истражувањето покажува колку граѓанските организации можат да сметаат на добротворството на граѓаните како извор на средства за нивната работа во иднина.
Каде се треба да се учи концептот на добротворство
Според анкетата, најмногу граѓани (50%) сметаат дека концептот на добротворство треба да се учи во семејството. Разликите се појавуваат во зависност од степенот на образование, работниот статус и регионот од каде што доаѓаат анкетираните. Така, оние со незавршено образование, формалното образование не го гледаат како место каде што треба да се учи добротворството (5,3%), за разлика од (18,2%) од оние кои завршиле вишо или високо образование. Граѓанските организации како места каде што треба да се учи добротворството ги гледаат 13,2% од испитаниците со незавршено основно образование за разлика од сите други испитаници кои се на скалата од 2,6% до 2,9%.
Графикон ВИ.1. Каде најмногу треба да се учи добротворството?
И вработените во граѓанските организации, ги гледаат граѓанските организации како места каде што треба да се учи добротворството. Овој став го потврдуваат 13,3%, за разлика од само 1,4% од вработените во јавниот сектор кои се изјасниле така. Добротворството не треба да се учи, сметаат 20% од вработените во граѓанските организации за разлика од пензионерите (6,8%) или вработените во јавниот сектор (7,7%).
Дали наменски се употребуваат добротворните прилози
Ова е едно од најчестите прашања кои секогаш одат со концептот на добротворство.
Поделени се мислењата на испитаниците во врска со наменската употреба на добротворните прилози. Гледано според етничката припадност на испитаниците, поголем процент (15,9%) од Македонците се согласуваат со ставот дека добротворните прилози никогаш не се употребуваат наменски за разлика од етничките Албанци, чиј процент е 8,6%.
Во поглед на образовната структура на испитаниците, може да се забележи дека расте процентот на оние што сметаат дека делумно добротворните прилози се употребуваат наменски, почнувајќи од 21,1% кај испитаниците со незавршено основно образование до 47% кај испитаниците со завршено вишо или високо образование.
Во поглед на работниот статус на испитаниците, се забележува критички однос на вработените во граѓанските организации. Тие во најмал процент (20%) се согласуваат со ставот „делумно се употребуваат наменски”, наспроти 47,2% од вработените во јавнот сектор. Најголем процент (40%) од овие испитаници (вработени во граѓанскиот сектор) се согласиле со ставот „делумно се употребуваат ненаменски”, наспроти 22,8% од земјоделците или 25,2% од невработените. Исто е и кај ставот „никогаш не се употребуваат наменски”, за кој се изјасниле 26,7% од вработените во граѓанскиот сектор, за разлика од 7,5% од учениците или 9,4% од вработените во јавниот сектор.
Графикон ВИ.2. Добротворните прилози коишто се собираат од граѓаните се употребуваат строго наменски
За заслугите
Нема мнозински одговор на прашањето „Што треба да добијат оние што даруваат?”. Ништо, сметаат 42,5% од испитаниците, односно информација за користење на помошта сметаат 17,9% од испитаниците.
Информациите за користење на помошта се најочекуваната реакција за 20,6% од вработените во јавниот сектор наспроти, на пример, 5,3% од земјоделците. Даночното олеснување е она што треба да го добијат оние што даруваат, сметаат 19,6% од испитаниците од полошкиот регион, за разлика од нив во пелагонискиот регион само 0,6% сметаат дека тоа е адекватна сатисфакција. Испитаниците од североисточниот регион најмалку се согласуваат со ставот дека дарителите не треба да добијат ништо, само 8,8% одговориле така, за разлика од оние од пелагонискиот регион каде 60,2% сметаат дека дарителите не треба да добијат ништо.
Дали даруваат, зошто даруваат или зошто не даруваат граѓаните
Анкетата покажа дека најмалку даруваат лицата над 65 години (56,3%), оние со незавршено основно или завршено основно образование, 42,1% односно 42,2%, пензионерите 43,2% и испитаниците од североисточниот регион (40,4%).
Графикон ВИ.3. Дали сте дарувале (пари или добра) во последните 12 месеци?
Висок е процентот на оние што кажале дека даруваат. Големо мнозинство од 83,2% од испитаниците даруваат од различни причини.
Графикон ВИ.4. Зошто дарувате?
Луѓето над 65 години (17,2%) и оние со завршено основно образование (29,1%) најмалку веруваат во ставот дека луѓето треба меѓусебно да си помагаат, повеќе дару-ваат од сожалување (над 65 години, 31.,3%, односно 29,1% со завршено основно обра-зование). Испитаниците, пак, од пелагонискиот и од полошкиот регион најмногу веруваат во ставот дека луѓето треба да се поддржуваат меѓу себе, 58% односно 59,4%.
Интересно е дека мотивацијата на деловните луѓе за дарување е суеверието. Најголем број од учесниците во фокус-групата барем еднаш помислиле дека бизнисот ќе им тргне лошо ако не даруваат.
Сепак, немотивирани за дарување остануваат 16,3% од испитаниците. Одговорот „немам ни за мене доволно” најчесто го давале лицата над 65 години (21,9%), испитаниците со незавршено или со завршено основно образование (31,6%, односно 23,6%) и оние со примања до 2.000 МКД (21,5%).
Графикон ВИ.5. Зошто не дарувате?
Заклучок
Малцинство од испитаниците (42,6%) сметаат дека средствата не се употребуваат наменски и очекуваат информација за употребата на помошта.
С$ уште е висок процентот на оние што сметаат дека средствата не се употребуваат наменски (14,5% се сосема сигурни во тоа, а 28,1%, делумно), додека 17,9% од испитаниците одговориле дека очекуваат информација за тоа како се користи помошта. Добротворството треба да се учи во семејството кое има главна улога во формирањето на една личност како хумана.
Гонце Јаковлеска Соработник за односи со јавноста, МЦМС
|
|