Здружение на децата без родители од Детските домови на Македонија

Децата без родители со писма бараат вработувања од фирмите

Здружението на децата без родители од Детските домови на Македонија „Иднина” започна самостојна акција за вработување свои членови со помош на Агенцијата за вработување која ќе комуницира со нив и со фирмите, а за да ги анимираат поголемите и добростоечки фирми, им испратиле и писма. Побарале по едно вработување за децата без родители, но, како што велат во „Иднина”, ќе бидат задоволни ако се вработат барем триесетина младинци, за што ќе им требаат и возачки дозволи.
До нив, пак, ќе дојдат доколку обезбедат пари од акцијата што сега ја реализираат со активирањето на телефон за донации на Т-мобиле.  

„Испративме писма до сите основни и средни училишта со цел да ги мотивираме и наставниците и учениците да донираат. Вакви писма адресиравме и до црквите и до полициските станици низ земјава, а собраните пари ќе ги искористиме за возачки испити. За трисетина младинци ќе испратиме биографии до повеќе фирми, за кои се надеваме ќе ни излезат во пресрет. Последниве четири години во различни компании, како ’Веро’, ЈП ’Паркови и зеленило’, ’Орка’, ’Тач’ и други со една ваква акција се вработија трисет деца”, вели Илија Јовановиќ, претседател на „Иднина”.

Здружението ќе испрати писма и до странските амбасади во земјава и се надева дека нивниот доброволен прилог ќе ја заокружи потребната сума за планираните 60 возачки испити.

Во прилог на идејатата на „Иднина” функционира и хуманитарен телефон за донации на Т-мобиле 070/143-123, на кој граѓаните со едно јавување ќе можат да донираат по 100 денари. Телефонскиот број ќе биде во функција до 25 декември годинава.

С.К.