Анкета
Граѓанскиот сектор не гледа на јавноста како на потенцијален извор на финансии
Седумдесет отсто од граѓаните на Македонија донирале барем еднаш за потребите на заедницата, најчесто како помош за поединци, а дека македонската сиромаштија не е пречка за македонската филантропија, покажува и податокот според којшто само 42 отсто од анкетираните го наведуваат недостатокот на финансии како причина за недонирање во хуманитарни цели. Податоците се добиени во анкетата на Центарот за институционален развој (ЦИРа) и независната истражувачка компанија БСЦ Естек, во рамките на проектот за зајакнување на граѓанското општество на УСАИД.
Иако невладиниот сектор не може да се потпре на странските донации како некогаш, поради секнувањето на странските финансиски приливи, анкетата на ЦИРа и БСЦ Естек покажува дека граѓанските организации с$ уште неволно и се обраќаат на домашната јавност за донации и не гледаат во неа потенцијален извор на финансии. Само пет отсто од анкетираните велат дека донирале за некоја невладина организација, иако за граѓанскиот сектор би донирале половина од испитаниците.
Но, дека комуникацијата на релација граѓански сектор-јавност затајува, покажува и фактот дека на 76 отсто од испитаниците никогаш и не им била побарана донација за некоја невладина организација. Истото истражување покажува дека волонтирањето е недоволно искористен облик на филантропија во Македонија и дека само десет отсто од испитаниците имале волонтерско искуство, додека 33 отсто изјавиле дека би волонтирале во иднина. Сепак, четириесет и шест отсто од анкетираните велат дека никогаш и не помислиле да бидат волонтери.
М.К.
|
|