Во рамките на проектот “Градење мостови”
АИЕСЕК го одбележа Денот на толеранцијата
Во рамките на проектот “Градење мостови”, на 21 мај годинава, во ДСУ “Орце Николов” Скопје, во организација на Младинската организација АИЕСЕК (АИЕСЕЦ), се одржа Денот на толеранцијата.
Поставувајќи ги како цели на проектот развивањето на свесноста за мирот, толеранцијата, меѓусебното разбирање и општествената одговорност меѓу етничките групи во РМ, и поставувајќи ги средните училишта како целни групи на овој проект, Денот на толеранцијата беше можност за учениците преку најразлични начини да ги изразат своите идеи и мислења, како и новите знаења со кои се здобија преку работа со практиканти од осум ралични земји и култури. Настанот го одбележаа изведби на осум училишта од Скопје, кои на многу креативен начин ја изразија важноста на толеранцијата во секојдневниот чивот, а и во пошироки рамки. Преку песни, танци, говори, драми и слајд-презентации, учениците, на впечатлив начин, успеаја да ги потсетат посетителите за различноста којашто го карактеризира светот и потребата од толеранција.
“Ова е навистина возбудлив настан за нас и добар начин да ја изразиме нашата креативност. Би сакале што почесто да се одржуваат вакви настани”, беа зборовите на дел од учениците од Музичкото средно училиште “Илија Николовски Луј” од Скопје, учесници во проектот.
Практикантите, преку овој проект, преку различни работилници и предавања во изминатите два месеци, се потрудија да придонесат за подобрување на општата свесност во РМ за одредени теми.
На Денот на толеранцијата, наедно, и практикантите имаа можност да ги претстават своите земји и култури, така што покрај знамињата на Австралија, на Австрија, на Индија, на Јапонија, на Норвешка, на Полска, на Романија и на Холандија, белег даваа и нивните национални јадења, музика, лифлети и сл., што беа интересен предизвик за посетителите. Д.М.
|