Движење на екологистите на Македонија
Одржан едукативниот камп “Чеплес 2007”
Од 13 до 21 август, во Велес, во организација на Движењето на екологистите на Македонија, општината Чашка и планинарското друштво „Солунска Глава”, беше одржан летниот едукативен камп „Чеплес 2007”. Учесници на кампот беа средношколци од различни градови на Македонија, млади екологисти, членови на локални еколошки организации во своите градови. На кампот учествуваа 20 млади од Радовиш, Македонски Брод, Велес, Чашка, Јаболчиште, Битола, Прилеп, Струга и Пробиштип, а истиот имаше работен и едукативен дел.
Во работниот дел, младите екологисти ја средуваа и расчистуваа околината на домот каде беа сместени, подготвуваа и испишуваа патоказни табли, изработуваа клупи итн. Во едукативниот дел, професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет ги запозна учесниците со биолошката разновидност на Јакупица и со ендемитните видови растенија кои се среќаваат на планината, како и за нивното значење и заштитата. Координаторите од ДЕМ – Млади, одржаа работилници на кои учесниците учеа за лидерството на кампови, со што се запознаа со процесот на нивното организирање и водење, охрабрувајќи се во иднина и тие да бидат лидери на кампови во своите средини.
Учесниците, освен за еколошките проблеми во Македонија, разговараа и за глобалните еколошки проблеми, за новините во националното еколошко законодавство и за можностите кое ги нуди истото за учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки од областа на животната средина. Предавањата ги одржа Руска Мицева, дипломиран биолог.
Финансиска поддршка за одржување на летниот камп Движењето на екологистите на Македонија обезбеди од Мировниот корпус во Македонија.
|
|