Театарска младина на Македонија
Доближување на театарот до младите во малите градови
Театарската младина на Македонија, во рамките на кампањата на УНИЦЕФ “Театар против сидата”, го реализира проектот “Имам право да знам” во кој во 15 градови низ Македонија беа изведени стотина театарски претстави на оваа тема. Целта на проектот е и развој на театарот во средините во кои малку или воопшто не е застапен и преминувањето преку сериозниот јаз на театарска понуда кој постои во нашата држава. Во 15 градови, Скопје, Берово, Пехчево, Делчево, Свети Николе, Крива Паланка, Куманово, Тетово, Гостивар, Битола, Кичево, Струга, Охрид, Ресен и Гевгелија, се формирани младински театарски центри кои и по завршувањето на проектот ќе бидат собиралиште на младите вљубеници во театарската уметност. Во проектот учествуваат средношколци кои работејќи во групи имаа задача да создадат претстава на тема ХИВ-СИДА, да направат сценарио, да ја режираат, да ја осмислат сцената и костимите. Со нив најчесто работат нивните професори по мајчин јазик, како и 10 експерти ангажирани од театарската младина.
- Младите во некои делови од Македонија многу тешко доаѓаат до театарот, на пример во Делчево од 100 деца само 30 биле во театар, а во Берово во последните 30 години немало театарска премиера. Просториите во Домовите на културата кои ги користевме најчесто се незатоплени и немаат некои услови за работа. Сепак, наидовме на голема заинтересираност на децата, немаше селекција, сите можеа да учествуваат и да дадат свој учинок во претставите. Тие го создаваа буквално секој дел од сценариото до режирањето и сценографијата. Пред да ја добијат задачата, тие поминуваа низ еден интензивен еднодневен курс за с$ што треба да научат пред создавањето на драмата. Добиваа и литература, како и задача по премиерата претставата да се одигра уште неколку пати”, изјави Нелко Нелковски, автор на проектот. С. Н.
|
|