Ѓакуш Кабаш
Младите и другоста: аспекти на културната (де)контаминација
Веќе подолго време во нашата земја една од клучните теми на кои се кршат копјата се и меѓуетничките односи, од сите страни и аспекти од кои може да се истражуваат. Постојано се зборува за тоа како тие постојано се нарушуваат, иако ретко кој споменува како е можно да се нарушат кога за истите велиме дека се на самото дно. Во последно време, дури има и мислење дека тие проблеми би ги немало кога воопшто би немале односи меѓу различните етнички групи. Брзајќи во давањето заклучоци и теории, не се обврнува многу внимание на вистинските причини коишто лежат на самата основа на оваа проблематика.
Ако младите се иднина на секоја земја, јас не верувам дека иднината ќе ни биде многу блескава. Можеби ни звучат слатко соништата за пристапување кон големото европско семејство - но горчлива е реалноста дека не може да се разбереме со триесетина народи, ако мака мачиме тоа да го постигнеме меѓу себе.
Општ впечаток е дека во денешното општество нема многу луѓе кои се грижат за младите и нашата перспектива. Наместо политиката да води сметка и за младите, младите повеќе претпочитаат да се бават со политика и да се истакнуваат пред нивните идоли. Јас сум убеден дека вината не е кај нас, всушност што друго ни преостана освен и ние да станеме политичари како и останатите два милиони жители на Македонија.
Уште во детството, преку медиумите слушаме како другите се толку лоши, како се ќе беше мирно и фино - само да бевме сами на ова поднебје. Родителите повеќе време трошат на убедување на децата дека треба да се подалеку од другите зошто само така ќе се безбедни и на правилен пат, отколку да видат дали децата одат во школо, или ја тераат правдата од улица. Друштвото и училиштата стануваат еднонационални клубови, се затвараат во гета, со сесрдна помош од политичките сили и движења на учениците кои сосема спонтано го поддржуваат тој тренд.
Иако сите ние сме полни со енергија и креативност, имаме прилично исти желби и цели, се бориме за подобар живот или за остварување на соништата далеку од границите на оваа земја - сепак не можеме да се разбереме и да ги најдеме допирните точки. А како би ги нашле кога сме сосема исклучени од другите кои на каква било основа се поинакви од нас, со многу неодговорени прашања и дилеми, со еден куп предрасуди и невиден отпор. Бројките кои што произлегуваат како резултат од различните истражувања се поразителни - лесно се стигнува до заклучокот дека омразата постои во голема мера и со текот на времето се инстументализира со насилство меѓу младите. Контаминацијата и омразата се само последици на подолгата одбивност и недоверба којашто ја имаме еден за друг, каде што политичките и економските фактори влијаеле премногу, а училиштата не ја завршиле својата задача. Со текот на времето, разликите растат - а со тоа и се намалуваат шансите за споделување на просторот на живеење и делување.
Веќе подолг период живееме во општество во кое нема никакви вредности, каде што ги изгубивме старите, а не стекнавме нови, каде што правилата не постојат или се кршат се’ полесно.
Пред две години бевме сведоци на рушењето на многу визии и соништа, во најдобар случај - тоа треба да ни биде патоказ за тоа како работите не треба да се развиваат. Тоа беше неуспех за целото општество, почнувајќи од родителите и образовните институции па се’ до граѓанските здруженија. Ова не значи дека никој не се труди во правец на намалувањето на омразата, но не поттикнува да размислиме за грешките и за тоа како треба да се гради систем на почитување на разликите. Семејството треба да укаже на придобивките на меѓусебното познавање и во никој случај да не биде прва во градење предрасуди. Би било добро отворено и искрено да се зборува за тоа до каде сме дотуркале во односите меѓу себе, како може да ги решиме споровите и да достигнеме поголемо вклучување. Граѓанските здруженија се тие кои може најмногу да придонесуваат во овој поглед, со поголемо вклучување на младите и подигнување на јавната свест за овие проблеми. Убеден сум дека би постигнале поголемо културно и јазично запознавање, ако на сите им се дава еднаква шанса за изразување на креативноста и способностите - отколку бескрајни предавања кои завршуваат само како такви. Ефектот е многу подобар ако секој сам се убеди и стигне до свои заклучоци, отколку водење бесцелни дебати за тоа како би требало да изгледаат работите. Искрениот пристап и насоченоста кон поголема група се клучни аспекти од коишто треба да тргнат граѓанските здруженија, секогаш имајќи на ум дека подоброто организирање и координирање носи подобри резултати. Идеите треба да произлегуваат од самите млади луѓе, каде што младите се соддржина а не само нем објект за истражување.
Треба повеќе да се внимава на активности кои што ги вклучуваат и се креираат директно од младите, одошто да се продолжи со старите шеми каде што под активности се подразбира лепење постери или обичен концерт. Да, тие се добри за афирмирање, но лошата страна е што проблемот останува и по нивното завршување. Не треба да се има визија дека проблемот ќе се реши по завршувањето на одреден проект, тој е таму и бара искрен пристап и волја да се почне неговото решавање. Ние сме тие кои треба да го започнеме тој процес на конкретен начин, преку делување на младите, под услов тоа да не заврши на хартија, туку да иницира создавање простор за искажување на ставовите на секој млад човек.
(Текстот е воведно излагање на панел-дискусијата “Младите и другоста: аспекти на културната (де)контаминација” на НВО саемот, организирана од ФИООМ)
|