Нова мисија
Миле Стојкоски со инвалидска количка ќе оди до Пекинг
Сe се може кога се сака, вели една стара мудрост на нашите предци, врз која тимот на К15 го реализира ТВ спотот каде Цацко, Миле и Тошо играат кошарка со Миле Стојкоски, и покрај тоа што тој е во инвалидска количка. Народната мудрост ја потврдува и самиот Миле кој сака, може и има неизмерна енергија овој пат да реализира нов подвиг и со инвалидска количка, тргнувајќи од Битола, да стигне до Пекинг. Познато е дека во 2004 година тој со количка тргна од Прилеп и стигна во Атина на отворањето на Летните олимписки игри во Грција. Негова цел тогаш беше да собере средства за операција во странство по која лекарите му ветуваа дека ќе прооди.
Во април, годинава, Миле Стојкоски ќе тргне на пат за Кина и планира на 8 август да пристигне на отворањето на Летните олимписки игри во Пекинг. Но, сега тој има многу повозвишена мисија, по цена на своето здравје, откажувајќи се привремено од планираната операција сака да направи многу повеќе и на светската јавност да & го сврти вниманието на групата на луѓе на кои им припаѓа.
Поддршка во неговата мисија му даваат и Владата и хуманитарната организација „Венера” од Прилеп, која лично се заложи за успешното реализирање на донаторска конференција, на која бизнис-фирмите не покажаа голем интерес.
„Ние знаеме дека од нас зависи, а не од хендикепираните лица, колку ќе се вклучат тие во општественото живеење. Малку треба да се подзамислат сите бизнисмени, кои треба финансиски да го поддржат неговиот проект ’Пекинг 2008 година’. Срамота е што дозволуваме еден човек, кој се откажа од сопственото здравје, што требаше да му го донесе операцијата, да не добие поддршка од бизнисмените. Ние Миле Стојкоски го сметаме за народен херој”, вели актерот во спотот, Бубо Каров.
На својот пат Стојкоски ќе ја промовира Македонија со сите нејзини брендови, ќе се обиде да ги афирмира хендикепираните, а ќе ја реализира и мировната мисија со засадување дрвце на секои изминати 100 километри. Средствата од Фондот за помош на хендикепираните ќе бидат искористени за изградба на капитални објекти за нив. Идејата е да се подигнат болници, населби и објекти за ресоцијализација на овие лица.
С.К.
|