ХУМАНИТАРЕН ПРАВЕН ЦЕНТАР

Да продолжи истрагата за масакрот во Индонезија!

Хуманитарниот правен центар го повика Националниот комитет за човекови права на Индонезија да ја продолжи истрагата за масакрот што се случи во Индонезија во далечната 1965 година. Масакрот го из­вршија трупите на генералот Сухарто и во него беа убиени скоро еден милион цивили, уапсени и беа малтретирани околу 200.000 негови политички опоненти, а многу лица беа сосема изолирани од општествениот живот. Овој масакр и криминал против човештвото се смета еден од најголемите ѕверства на 20 век.

Се' до пред шест месеци, индонезиската влада не дозволуваше да се спроведе никаква истрага во врска со овој масакр. Истра­жувањето што пред половина години го започна Националниот комитет за човекови права на Индонезија е попречен од недостиг на финансиски средства, но и од постојаните закани  и анонимни повици, а неодамна околу 500 членови на параполицијата демон­стрираа пред зградата каде се наоѓаат канцелариите на Комитетот.

Досега се истражени само две локации каде се претпоставува дека се наоѓаат масовни гробници, а истрагата е отежната бидејќи Сухартовиот режим ги избриша скоро сите евиденции и ги отстрани сведоците.  
 

М.И.