Фондација “Метаморфозис”
Одржана втората меѓународна конференција “е-Општество.МК”
Од 15 до 17 ноември 2006 година, во хотелот „Холидеј ин”, во Скопје, во организација на фондацијата „Метаморфозис” се одржа втората меѓународна конференција „е-Општество.МК”, поддржана од Институтот отворено општество и од ОБСЕ. Учествуваа 350 претставниици од Македонија, од Албанија, од Босна и Херцеговина, од Бугарија, од Хрватска, од Србија, од Црна Гора, од Романија, од Чешка и од Ирска, во чиј фокус на интерес беше регионалниот пристап во креирањето политики поврзани со информатичките и комуникациските технологии (ИКТ). Конференцијата беше одлична можност за разните чинители од регионот да разговараат за претстојните предизвици, да споделат информации, искуства и знаења, а таа донесе и регионална перспектива на локалните проблеми и претставуваше можност за предвидување и на идните.
Земјите од Југоисточна Европа делат слична историска и политичка ситуација, како и аспирации за влегување во ЕУ. Сите тие имаат потреба од развој на информатичкото општество како алатка за економски и социјален развој. Од друга страна, пак, имаат различни нивоа на достигнувања и различни фокуси во креирањето политики и нивното спроведување. Регионалната соработка и размената на успешни достигнувања се на незадоволително ниво. Тековните и идните потреби бараат зголемено вмрежување на експертите за информатичко општество, и на политичко и на практично ниво, особено синхронизирање на владиниот систем за комуникации преку усвојување исти стандарди како алатка за достигнување на европските критериуми. Повеќе информации од конференцијата може да најдете на http://e-societs.org.mk или на http://www.metamophosis.org.mk.
Г. Ш.
|
|