Македонија прв пат го одбележа Светскиот ден на младите

Биди виден, биди чуен

Светскиот ден на младите – 12 август, годинава за прв пат беше одбележан во Македонија под мото „Биди виден, биди чуен: младинско учество за развој”, со што земјава  за прв пат се вклучи во традиционалното глобално одбележување на денот кој и е посветен на младата популација. Пред трговскиот центар „Бисер”, во општината Аеродром, се одржаа  театарски претстави, улични анимации, беа поставени информативни штандови на невладини организации, се организира креативно сликање на платно и други забавни и едукативни игри.

Голем број млади луѓе, кои дојдоа да го одбележат светскиот ден, како и случајни минувачи, добија и брошури и совети за сексуалното и репродуктивното здравје, како и совети за исхраната и здравствените навики. За време на настанот, презентирани беа и видеостории, изработени од млади луѓе, на тема ХИВ/СИДА, болест која во светот најмногу ги напаѓа младите.  Манифестацијата ја организира канцеларијата на Фондот за население на ОН во Македонија (УНФПА), во соработка со мрежата Ѕ-Пеер Македонија.

Порака до младите во целиот свет упати и генералниот секретар на ООН, Бан Ки Мун, со зборовите „Меѓународниот ден на младите е прилика која се нуди еднаш во годината да им се оддаде признание на 1,2 милијарди млади луѓе низ светот, да се прослават нивните достигнувања и да се дејствува за нивно учество во сите области на општеството”.

С.Н.